МНР: Македонските државјани во Казахстан се наоѓаат на безбедни локации

Министерството за надворешни работи (МНР) соопшти дека се остварува редовен контакт со македонските државјани во Казахстан кои се наоѓаат на безбедни локации и покрај честиот прекин на интернетот и телекомуникациските мрежи. Тие посочија дека редовно ја следат состојбата во земјата и дека преку Амбасадата во Нур – Султан се во комуникација со државјаните кои се наоѓаат во земјата.

„Засега само двајца наши државјани се обратиле до амбасадата, поради ситни потреби на чие барање е веднаш одговорено; но, ниту еден од споменатите не се наоѓа во загрозена состојба“, додаваат оттаму.

Истовремено, тие посочија дека остануваат во сила препораките упатени до граѓаните на Северна Македонија да не патуваат во Казахстан, а оние кои во моментот се наоѓаат во земјата да не ги напуштаат објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации поради влошената безбедносна состојба.

Дополнително, од МНР велат дека дипломатскиот персонал во нашата Амбасада во Нур – Султан не е загрозен и дека без прекин ги извршува работните задачи.

Инаку, во изминатите неколку денови во земјата избија големи протести откако владата го укина ограничувањето на цената на течниот нафтен гас, но немирите се проширија и вклучија поширока политичка димензија.

Според властите во Казахстан во немирите досега загинаа 26 демонстранти и 18 полициски службеници.