Deliluh и Bain de Gong на 26 октомври во „Котур“

„Земаме длабок здив и се нурнуваме на некое друго место“.

Вака стои во најавата за концертот на Deliluh (Канада) и Bain de Gong (Франција), кои во четврток (26 октомври) од 21 часот ќе настапуваат во кафе-филм „Котур“ во Скопје.

Настанот се организираат во соработка меѓу „Котур“ и „5060“.

„DELILUH се Kyle Knapp и Julius Pedersen, енигматично канадско дуо кое моментно живее и работи на релација Берлин – Марсеј. Како дел од нивната европска турнеја, во Скопје концертно ќе го промовираат последниот албум Fault Lines (Tin Angels Records 2022), издание кое означува ново поглавје и уметнички исчекор во нивната кариера. Секогаш спремни на ризик и освојување нови музички територии, Deliluh мелодично ги премостуваат границите помеѓу пост-панкот, амбиенталниот дрон и експерименталната електроника, истражувајќи го спектарот со органски и бескомпромисен звучен идентитет. Провокативната лирика испорачана во загадочен spoken word манир го комплетира непредвидливото музичко патување низ човечкото искуство, пост-апокалиптична звучна одисеја во која надежта, сепак, последна умира“, стои во најавата за концертот.

Организаторите велат дека почетоците на „Deliluh“ се тесно врзани за виталната DIY сцена на Торонто, каде започнуваат во 2013-та како четворка со звук кој ги сублимира најдобрите традиции на пост-панкот.

„Дневната соба како и многу други јавни простори, во кои организираат ад-хок концерти тие ги крстија Somewhere Else, некое друго место кое означува безбеден простор, ослободен од деловни трансакции и музички ограничувања. Десет години, четири албуми и стотици концерти (турнеjи со Squid и Mandy, Indiana) подоцна, ова име сè уште функционира како нивно мото – географски, музички и духовно“, се вели во најавата.

Вечерта ќе ја отвори „Bain de Gong“, нов експериментален соло акт од Марсеј, Франција.

Учество: 200 денари (билетите во ограничен број се достани во @koturkafeifilm)