„На пример“ – промоција на фанзин вечер во „Буква“

Партизанска штампа вечерва (среда, 18 мај) од 19 часот во „Буква“ организира промоција на четвртото издание на фанзинот „На пример“ под број 3 насловено „Гледано лонче не зоврива“.

Според „партизаните“, ова доаѓа како нужен потег по третото издание со број 2 „Тури нека има“ чија промоција се случи минатата година во мај (под гураторство на Иван Ивановски).

„Со време на чекање две недели до месец по автор, по принципите на амбициозните први изданија од август 2020-та ‘Турни ме да кинисам’ и ‘Кој работи тој и греши’ – овој број се загреваше подолго време. Жива среќа, некому му текна да направи диверзија и да ги насочи погледите кон изгубените кабли и црните дамки, и – фанзинот зовре! ‘На пример’ е фанзин за ослободен цртеж, односно во себе ги сублимира сите форми кои може да бидат испечатени на црно бела фотокопир машина“, велат од „Партизанска штампа“.

Додаваат и дека „На пример“ е тендеција за провоцирање и отварање на творештвото со цел истото да го демистифицира, разобличи и деелитизира, односно да провоцира уште повеќе автентично творештво како форма на себе спознавање и споделување се до неизбежното исчезнување.

Како белешка стои:
„Поговорката ‘Гледано лонче не зоврива’ ни се појави од нигде-никаде директно во штампарија. Трагот за нејзиното потекло одамна се загубил. Осамнавме само со идеја. Идеја, која не натера да престанеме да гледаме во празно и сами да сфатиме на колку степени да ја вклучиме ринглата. Нормално нели кога војникот го прашале: ‘на колку степени зоврива водата“? тој одговорил: ‘на 3-ка’“.

„Уклучете се на тројка и дојдете во среда, во ‘Буква’ да си купите фанзин. Со секое купување на фанзин го поддржувате неговото следно издание“, велат од Партизанска штампа.

Издавач и сито штампа на корица: „Партизанска штампа“ во соработка со Задруга 5060 и БОШ Фестивал.

Гураторки се Јелена Белиќ (корица) и Јоана Ристеска (средина – во соработка со Ема Велковска).

Дури 30 автори по неазбучен редослед: Јелена Белиќ, Јоана Ристеска, Ема Велковска, Љубен Трајаноски, Иван Ивановски, Ана Трајковска, Ана Ивановска, Христина Зафировска, Владимир Лукаш, Велимир Жерновски, Сања Симовска, Марко М., Иван А., Викторија Мачковска, Марија Смилевска, Владимир Муратовски, Gosi Etc, Дијана Томиќ , Тања Вукобрат, Илија Маџаров, Владимир Илиевски, Симона Ѓоргиева, Кристина Велковска, Јана Николовска, Моника Ангелевска, Александра Петрушевска, Марко Јачев, Тома Димовски, Елена Митревска, Михаил Димитров, Гордана Стојковска.