Изложба на Тома Димовски на 28 и 29 октомври во паркот „Ибни Пајко“

Во скопскиот парк „Ибни Пајко“ во тек на два денови, четврток и петок (28 и 29 октомври) од 19 до 22 часот ќе биде поставена самостојната изложба „Единици и нула“ на Тома Димовски.

„Дигитизацијата на информациите од својата појава во 70-тите до денес е во постојан подем. Истата несомнено го постави и дититалниот уметнички простор процесирајќи ги ликовните уметнички дела од аналоген во дигитален формат. Ако знаеме дека целата дигитализација е претставена со 0 и 1, тогаш изгледа дека целиот наш живот е НУЛА И ЕДИНИЦА. Нема Томе, нема Иван, нема сликарство, нема вајарство, нема литература, нема филм, нема музика. Единствено има единица и нула и единствено ако имаш процесор истите може да станат слика“, се вели во најавата за изложбата во организација на „Партизанска штампа“.

Дигитализацијата и зависноста од неа оди до таму што со постоењето на помагала за цртање постои можност да се заборави на цртањето на хартија со молив, дека постојат најразлични техники и технологии во сликарството. Дали сето тоа „знаење и тајни“ ќе се замени со пен-таблет?

„Ова дело преку своето поставување во реалниот простор на ИБНИ ПАЈКО ги истражува ѕидините на виртуелниот простор. Поставувајќи релјеф од 20 метри го поставува прашањето дали емоциите се модификуваат или стерилизираат со дигитализацијата на комуникацијата? Дали се затапува чувството за јавен простор во кој се поставува и посетува уметност? Сите сме сведоци дека со дигиталната комуникација многупати го губиме чуството за другоста, разноликоста, и светот станува едноличен – сведен на нули и единици набиени во низи, едни налик други. Претпоставувајќи дека единствено во комуникација со крајниот гледач делото ја добива својата вредност оваа изложба ќе се потруди чувствено да не врати кон себе со цел да не приближи кон другите. Истовремено ќе не’ потсети дека Скопје нема улична галерија. Останатите информации можете да ги скролате на социјалните медиуми“, стои во најавата за изложбата.

Инаку, проектот е подржан од Министерството за култура, визуелна програма.