Промоција на „Глупости“ на Катерина Димитровска во „Котур“

Во кафе-киното „Котур“ на 2 јуни (среда) ќе биде промовирана „Глупости“ на Катерина Димитровска, издание на „АШ“.

Според рецензентот Давид Ангелевски, „Глупости“ е шашава психо-сликовница, интроспективно фрик шоу што лесно ја вшмукува реалноста, ја натопува со цревни сокови, киселина и бесмисла и ни ја враќа како повраќаниците на дебелиот господин во Монти Пајтон.

„Обилно и во лице. Љубовно писмо до празнината? Можеби. Но, фантазмагорична како сликите на Дали и делумно морничава како мрачните визии на Линч. Ментална анархија, игрива и забегана, нихилистички презрива, без обзири кон хигиена или смисла, еротизирана до болка и смрдеа кои перверзно те вовлекуваат во нејзиниот чудесен имагинариум. Страна по страна. Сепак, ова може да е и тивко, топло и спокојно патување низ интимните делови на едно себство ослободено од драмата на модерниот субјект опседнат со светската болка како нужна актуелност“, пишува Ангелевски.

Катерина Димитровска

Инаку, „АШ“ за Димитровска вели дека е „мајка на кафеав гремлин, пејачка во етно-фолк ансамблот Перија (негувателка на корења кои потоа немилосрдно се искорнати, смачкани, измешани со сè и сешто и обарени), валкано дете кое има слабост кон контејнери и неостварена писателка“.

„Ве молиме прочитајте ја за да се оствари. Ваквото остварување ќе биде заборавено во некој момент, кога сонцето ќе ја испржи планетата Земја, а и многу порано, но до тогаш, нејзината суета нека биде обложена со окциња, кои панично се движат лево-десно. Катерина Димитровска е човек, и не само човек, по малку и животно, како и секој друг просечен човек. Таа понекогаш се дере на улици и пред микрофони, а понекогаш и молчи. Никој ништо не знае и никој за ништо не може да биде сигурен. Таа можеби е крлеж, сепак е полна со крв.

Катерина Димитровска е пејачка, моооооме оодиииииии поооо ливаааааадаааа. Таа, додуша, повеќе ужива во одење по тврд камен или ситен песок. Катерина е и инструменталистка, дрн дрн јариња, троп троп мадиња. Има едно мало невидливо прсте кое ја гулицка, на ист начин на кој таа ги гулицка своите инструменти, но наместо звук од нејзе излегува само просто офкање и трга на пат. Патот стои на место. Катерина трга. Патот стои.

Катерина Димитровска е мрморец. Не знам што е мрморец. Мрморец е можеби она нешто. Точно така. Мило ми е што сме согласни. Еден ден, таа отвори уста. Потоа многу често таа се појавуваше на слики и видеа со отворена уста. Дипломираше на филолошкиот факултет „Блаже Конески“, но не знае како да го најде е со надреден знак на својата тастатура. Блаже не се замара затоа што е мртов. Катерина, инспирирана од Блаже, исто така не се замара. Сепак, таа не е заморец, туку мрморец. Не знам што е мрморец“, соопштува издавачот „АШ“.