Бесплатно чипирање миленици до крај на годинава

Автобусот број „2“, што сообраќај на реалацијата Автокоманда – Сарај, од денес до крајот на годината ќе вози облепен со пароли за одговорно сопствеништво за домашните миленици.

Јавното возило преку пораки ќе укажува дека секој одговорен сопственик треба да ги микрочипира домашните миленици, а нивното напуштање е казниво со закон, како дел од кампањата за благосостојба на животните што ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

„Потсетуваме и апелираме сопствениците до крајот на годинава да ја искористат можноста за бесплатно микрочипирање на  милениците. Рокот трае до 31 декември“, рече директорот на АХВ, Зоран Атанасов на промотивниот настан во Министерството за земјоделство.

Според АХВ, досега се чипирани вкупно 72.311 миленици од кои најмногу кучиња.

Кампањата е за одговорно сопствеништво е во рамки на ИПА проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи”. Акцентот на предвидените активности (работилници и едукативни настани со деца) е ставен на потребата од стерилизација и микрочипирање на милениците како едни од основните мерки за намалување на популацијата бездомни животни.

Според проектниот менаџер Костас Супилас, здравствената заштита на животните и нивната благосостојба се на највисoко ниво во ЕУ, а надлежните се обидуваат тоа да го пренесат и кај земјите-аспиранти за членство.

Следната, 2020-та, ќе биде Меѓународна година на здравјето на растенијата, а според најавите и земјава ќе се вклучи во одбележувањето преку информативни кампањи, трибини и промоции под мотото „Здрави растенија, здрав живот“.