700 илјади луѓе се потпишале на петиција да се прикаже забранетата реклама на „Ајсланд“

Човекот кој ја започна петицијата со која се повикуваат британските регулатори да ја повлечат забраната на божиќната реклама на супермаркетот „Ајсланд“, која ги покажува деструктивните последици на производството на палмино масло, вели дека е шокиран откако собрал неколку стотина илјади потписи.

Марк Топс, кој е татко на три деца, ја гледал рекламата со неговата петгодишна ќерка кога одлучил да ја направи петицијата. Досега собрал скоро 700.000 потписи.

„Кога прв пат ја гледав рекламата, ме погоди. А, можев да заклучам дека ако допре до моите чувства тогаш ќе допре и до чувствата на децата поради форматот на анимиран филм во кој е изработена“, рекол Топс за Еуроњуз.

Синџирот супермаркети „Ајсланд“ сакал рекламата изработена од еко-групацијата „Гринпис“ да ја емитува за божиќните празници. Видеото било забрането од „Клиркаст“, британското регулативно тело одговорно за телевизиските реклами, поради тоа што поддржувало политичко прашање.

Маркетите „Ајсланд“ сакаат да го отстранат палминото масло од нивните производи до крајот на оваа година. Видеото, синхронизирано од актерката Ема Томпсон, е дел од напорите да се охрабрат потрошувачите да ги бојкотираат ваквите прехранбени производи за време на празничниот период.

Рекламата е споделена повеќе од 90 илјади пати од официјалниот Твитер профил на супермаркетот.

„Гринпис“ тврди дека производителите на палмино масло последниве три години уништиле површина на дождовна шума двојно поголема од површината на Сингапур. Деструкцијата на шумата е главна причина за изумирањето на орангутаните од Борнео, чија популација се преполовила за 16 години.