Божиќна ТВ реклама на британски супермаркет забранета бидејќи била премногу политичка

Божиќна ТВ реклама на супермаркетите „Ајсланд“ е забранета за емитување во Велика Британија бидејќи ги прекршувала политичките маркетинг правила.

Се работи за кампања која синџирот супермаркети ја изработил заедно со еколошката организација „Гринпис“ за изработка на краток анимиран филм кој го прикажува орангутанот Ранг-тан, чиј глас го позајмува актерката Ема Томпсон, кој жали поради тоа што одгледувачите на палмино масло му ја уништуваат неговата природна животна средина.

 

Претходно, оваа година, „Ајсланд“ стана првиот поголем супермаркет во Велика Британија кој се обврза дека ќе го отстрани палминото масло од сите нивни брендови на храна. Уништувањето на животната средина во земји како Малезија, кој е еден од најголемите светски производители на палмино масло, придонесува за смрт на орангутаните, кои веќе се сметаат за критично загрозен вид на животни.

„Клиркаст“, агенцијата која ги одобрува рекламите пред јавно прикажување, соопштила дека видеото ги прекршило правилата кои забрануваат политичко рекламирање според комуникацискиот закон од 2003 година.