1 милион евра без ефект – Министерството за култура го укинува субвенционирањето македонски песни

Министерството за култура планира да го укине Законот за поддршка на домашната музичка продукција, преку кој, од 2014 година до денес, се потрошиле 55 милиони денари пари од Буџетот за создавање македонска народна и забавна музика.

Како што информираат од Министерството, досега, на вкупно девет конкурси биле избрани 321 композиција, но, според нивната оценка, понатамошното постоење на овој закон не е оправдано поради недостаток на ефекти од неговата иплементација.

„Имплементацијата на Законот во практика не ги даде очекуваните ефекти, пред сѐ, од причина што иако за избраните композиции се продуцираа аудио и видео – записи, тие или не беа воопшто емитувани или беа емитувани во мал обем на радијата и на телевизиите. Од наведените причини, објективно не може да се направи процена на позитивните ефекти од поддршката на создавањето на нови композиции“, образлагаат од Министерствата за култура.

„На повеќе јавни дебати, од страна на авторите и изведувачите беше укажано на повеќе слабости и нефункционалноста на постапката за избор на композиции пропишана со Законот, пред сѐ, во однос на оправданоста од одредени категории на композициите, начинот на изборот на комисијата која врши оцена на пристигнатите композиции, кусите рокови за одлучување, непрецизноста на критериумите според кои се врши избор и слично“, додаваат од Министерството.

За конкурсите од месеците април, јуни, септември и декември во 2016 година, како и за конкурсите од месеците април и јуни во 2017 година, од Министерството посочуваат дека од Македонската радио-телевизија не биле донесени одлуки за избор на композиции, што, според нив, укажува и на неосодветно менаџирање на конкурсите од страна на јавниот сервис, дополнуваат од Министерството.

Според досегашното законско решение, субвенционирањето музика требало да трае до декември 2023 година, а за десетгодишната примена би требало да се обезбедат околу 5 милиони евра буџетски средства.

Од Министерството додаваат дека според законските прописи постојат и други можности за стимулирање на продукцијата на народната, забавната и другите видови музика како годишниот конкурс на Министерството за култура за финансирање проекти од национален интерес во културата, откуп на музички дела или финансирање на реномирани музички фестивали и манифестации.

Нацрт- Предлогот на закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, заедно со Нацрт извештајот за проценка на влијанието на регулативата е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, а заинтересираните страни можат да доставуваат предлози, коментари и забелешки на текстот на Законот, во следниве 16 дена.