За првпат генерирана повеќе електрична енергија од ветар отколку од гас во Европа

За првпат минатата година во Европа била произведена повеќе електрична енергија од ветар отколку од природен гас, јавува „Евроњуз“.

Побарувачката за електрична енергија во Европа се предвидува наскоро повторно да се зголеми бидејќи електрификацијата се интензивира преку топлинските пумпи и електричните возила.

Ова го покажува најновата годишна студија од тинк-тенк организацијата „Ембер“, каде се наведуваат позитивни статистички податоци за енергетската транзиција на ЕУ.

Ветерот и сончевата енергија создадоа рекордни 27% од електричната енергија во 2023 година, што за првпат надмина една четвртина. Производството на јаглен и гас значително опадна, при што јагленот сега сочинува само 12% од вкупното производство на енергија во блокот.

„Енергетскиот сектор на ЕУ е среде монументална промена“, вели програмската директорка на „Ембер“ за Европа Сара Браун.

Според аналитичарите, намалената потрошувачка на електрична енергија придонесе за „невиден колапс“ на капацитетот за производство на јаглен и гас.

Според студијата спроведена за 2023 година, производството на ветер се зголеми за 13% и се очекува да достигне 18% од енергетскиот сектор на ЕУ, или 475 TWh, што е речиси еднакво на вкупната побарувачка на електрична енергија во Франција.

Производството на ветер го надмина гасот, кој придонесе за 17% од електричната енергија. Во меѓувреме, од сонцето беше произведена 9% од електричната енергија.

Неколку земји се издвојуваат во процесот на производство на електрична енергија од ветер. Данска генерира 58% од својата електрична енергија од ветерни турбини, Германија генерира најмногу енергија, односно 141 TWh, додека Шведска произведува најмногу по глава на жител.