МОН: Училиштата да користат субвенционирана струја во второто полугодие

Со оглед на тоа што дел од јавните основни и средни училишта сè уште ја немаат искористено поволноста за снабдување со субвенционирана електрична енергија, апелираме до раководствата на образовните установи и општините како нивни основачи, да ја реализираат оваа можност, апелираат денес од Министерството за образование и наука (МОН).

„Со тоа, училиштата ќе ги намалат трошоците за електрична енергија и ќе се овозможи непречено одржување на настава со физичко присуство до крајот на учебната година“, додаваат оттаму.

МОН претходно одлучи второто полугодие да започне на 23 наместо на 18 јануари поради како што рекоа заштита на здравјето на учениците и заштеда на електрична енергија за греење.

Оттаму во ноември минатата година соопштија дека 366 основни и 109 јавни средни училишта ќе се снабдуваат со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават/час. Оваа мерка беше дел од Владиниот пакет мерки за заштеда на енергија со цел да се овозможи настава со физичко присуство.

МОН: Одлуката за пониска цена на струјата за училиштата значи континуитет на наставата со физичко присуство