Волонтерска акција на младите од Куманово за уредување на паркот

Стотина млади од Куманово организираа волонтерска акција за уредување на еден од парковите во градот. Во акцијата учествуваа ученици од средните училишта „Перо Наков“ и „Киро Бурназ“.

Младите го исчистија отпадот во паркот и поставија корпи за отпадоци, ја искосија тревата, ги уредија зелените површини и поставија жардинерии, ги заменија оштетените даски на клупите со нови, ги бојадисаа бетонските и металните конструкции во паркот и поставија ново осветлувањето во паркот.

Иницијативата на младите е резултат на подолгорочен процес којшто започна во април, кога учениците од различни етнички заедници се сретнаа за прв пат и дискутираа за проблемите со кои тие, како млади личности се соочуваат во својот град. Потоа учениците даваа конкретни предлози за решавање на проблемите и се сретнаа со градоначалникот на општината за да му врачат писмо со конкретни препораки за разубавување на градот.

„Чувствувавме дека сакаме да придонесеме за подобрување на локалната заедница и затоа доставуваме писмо со препораки преку кои веруваме дека ќе придонесеме кон нашата цел, подобрување на состојбата во инсфраструктурата на градот, истовремено овозможувајќи поубав простор за рекреација и слободно време на сите граѓани во нашиот град. Бидејќи овој парк се наоѓа во близина на училиште, но и во близина на неколку станбени објекти, неговото обновување е од суштинска важност за градот“, стои во писмото на учениците преку кое тие ја изразија својата подготвеност да се вклучат во волонтерска акција и побараа поддршка од општината за реализација на акцијата.

Акцијата беше спроведена со поддршка од општина Куманово и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието е петгодишна иницијатива за зајакнување на меѓуетничката кохезија меѓу младите и развој на демократските и граѓанските однесувања. Преку создавање можности за учениците да се дружат и да соработуваат на разни граѓански иницијативи, проектот негува позитивни интеракции помеѓу етнички разновидната младина на ниво на училиште и заедница.