Во Утрехт отворена најголемата катна гаража за велосипеди, но граѓаните бараат повеќе

Во било која земја, отворањето на најголемата гаража за велосипеди, би се сметала за успех. Но, не и во Холандија, каде не се радуваат на гаража која отпривин ќе собира 6.000 велосипеди, а дополнително и уште 6.500 до крајот на наредната година. Објектот се протега на 17.100 квадратни метри под централната метро станица на Утрехт.

Сепак, интензитетот на „љубовната врска“ на Холанѓаните со велосипедот е толку голем, што тие се сосема незадоволни од овој потег на властите.

Иако ќе има 12.500 места за паркинг на велосипеди, со оглед на тоа што 43% од патувањата пократки од 7,5 километри се прават со велосипед секој ден, едноставно треба повеќе паркинзи, вели Мартијн ван Ес, портпарол на холандската велосипедска организација Фиетсерсбонд.

„Да го цитирам Џон Ленон, „Животот е тоа што ти се случува, додека правиш планови за животот““, вели Ван Ес. „Додека политичарите да ги донесат своите одлуки и да се изградат гаражите, сè повеќе луѓе ќе возат велосипеди“.

Бројот на велосипедисти расте секој година во Холандија. Поголемите градови веќе ја менуваат инфраструктурата за да биде што попогодна за велосипедисти.

„Но, со поголемите броеви, треба и поголеми промени. Инфраструктурата не е доволно променета. Има многу повеќе велосипедисти денес од создавањето на сегашната инфраструктура во 1980-тите“, заклучува тој.

Инаку, Холандија има повеќе велосипеди, отколку луѓе – 1,3 велосипеди на глава жител. Во Хаг наредната пролет ќе се отвори паркинг за 8.500 велосипеди. Сличен објект ќе добие и централната станица во Делфт, со простор за 5.000 велосипеди. Амстердам планира да ископа паркинг под крајбрежјето.

Холанѓаните се обидуваат да ги исфрлат автомобилите од градските центри уште од почетокот на 1970-тите, делумно поради високата стапка на сообраќајни несреќи. Од 3.300 пешаци и велосипедисти кои починале, 400 се деца. Сепак, кампањата е голем успех: просечниот жител на Холандија поминува околу 1.000 километри на велосипед секоја година.

Во Холандија денес има 22,5 милиони велосипеди, а 17,2 милиони жители. Повеќе од четвртина од жителите возат велосипед за да стигнат на работа, а се почесто се возат и електрични велосипеди.