Во пад бројот на заразени и починати од Ковид-19 на глобално ниво

Бројот на заразени и починати од Ковид-19 минатата недела се намали на сите континенти освен во Океанија. Бројките се за првпат на ниво на кое што беа во декември минатата година, кога се појави варијантата Омикрон, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Во светот вкупно е пријавен 491.255.721 случај, од кои 9.368.249 минатата недела, што е намалување за 15 отсто. Регистрирани се 25.587 смртни случаи, односно пад од 18 отсто на неделна основа. Вкупно досега починале 6.175.357 лица од коронавирусот.

„Не би рекол дека ‘дишам полесно’ бидејќи овој вирус не измами толку многу пати во последните неколку години“, рече директорот на американскиот Национален институт за алергии и инфективни болести, Ентони Фаучи.

„Верувам дека треба да очекуваме зголемување на бројот на случаи бидејќи имаме варијанта што е многу позаразна од Омикрон и решивме да не спроведуваме некои методи за ублажување на рестриктивните мерки, како што е носењето маска во затворени простории“, рече тој.

Варијантата Омикрон за првпат се појави во Јужна Африка на 25 ноември.