Владата на Валенсија ќе треба да им плати надокнада на медицинарите поради лошите услови за работа

Шпанските медицински лица добија судски спор против регионалната влада на Валенсија која ќе треба да им плати до 49.000 евра надокнада бидејќи мораа да работат без заштитни одела во првите месеци од пандемијата на коронавирус, пренесува „Н1“.

Тужбата која е поднесена од лекарскиот синдикат е прва од ваков вид добиена во Шпанија, чиј здравствен систем беше под голем притисок на почетокот на епидемијата.

„Оваа пресуда е револуционерна во Шпанија“, изјави докторот Виктор Педрера од синдикатот кој ја поднесе тужбата.

Судијата изјави дека недостатокот на заштитни одела претставува сериозна опасност за безбедноста и здравјето на сите здравствени работници. Тој и наложи на Владата да плати оштета од 5.000 до 49.000 евра за 153 лекари кои беа дел од тужбата.

Лекарите кои биле принудени да работат без соодветна заштита, а не се заразиле или биле во карантин ќе добијат 5.000 евра. Оние кои биле во изолација како контакти ќе добијат 15.000 евра, а 35.000 евра ќе добијат заразените на кои не им биле потребна болничка нега. Хоспитализираните пак ќе добијат 49.000 евра.

Владата на Валенсија најави жалба на одлуката.