„Последната шанса“ – СЗО состави нов тим за истрага на потеклото на коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека составила нов тим научници за да го обновата нивното истражување во потеклото на Ковид-19.

Групата е составена од 26 експерти, кои ќе имаат задолжение да изработат нови студии за потеклото на надоаѓачките патогени со потенцијал за епидемии и пандемии, а во нив е вклучен и вирусот Sars-CoV-2, кој го предизвикува Ковид-19.

Според директорот за итни ситуации на СЗО, Мајкл Рајан, ова можеби е последна шанса да се проучи потеклото на вирусот во организирана акција, пренесува Гардијан.

Новиот тим на СЗО е избран од вкупно 700 пријавени експерти, кои покриваат широк спектар на научни дисциплини. Тие сега ќе бидат дел од двонеделна консултација со пошироката јавност.

Во тимот се вклучени и Кристијан Дорстен, шефот на Институтот за вирологија од Берлин, Јунгуи Јанг од Институтот за геномика од Пекинг, Жан Клод Мангера од францускиот Институт „Пастер“ и Ингер Дејмон од американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Претходно годинава СЗО соопшти дека ја воспоставува групата Саго – Научна советодавна групација за потеклото на нови патогени. Вчера кинескиот амбасадор во ОН, Чен Џу, за новинарите изјави дека работата на Саго не смее да биде политизирана.

Покрај актуелната пандемија со Ковид-19, последниот период се појавија зголемен број на високо-ризични патогени, како блискоисточниот респираторен синдром (Мерс), вирусите на птичјиот грип, Ласа, Марбург и Ебола.

„Растот на новите вируси со потенцијал да предизвикаат епидемии и пандемии е природен факт, и иако Sars-CoV-2 е најновиот таков вирус, тој нема да биде последен. Разбирањето од каде доаѓаат ваквите патогени е клучно за превенирање на идни зарази“, рече директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус.

Пандемијата со Ковид-19 досега усмрти 4,85 милиони луѓе во светот и ја потресе глобалната економија откако вирусот првично беше регистриран во кинескиот град Вухан во декември 2019.

По бројни одлагања СЗО испрати научен тим во Вухан во јануари годинава, кој ја изработи првичната фаза од студијата за потеклото за вирусот. Нивниот извештај, објавен во март, не даде дефинитивни заклучоци, но направи рангирање на веројатноста од хипотезите кои е пласираа во јавноста.

Според нив најверојатно е дека вирусот се префрлил од лилјаци на луѓето преку животно-посредник. Во извештајот беше наведено дека создавање на вирусот во лабораторија во Вухан е крајно неверојатно да се случило.

Сепак, ова нивно истражување се соочи со критики поради недостаток на транспарентност и пристап и за недоволно длабоко истражување во теоријата за излегување на вирусот од лабораторија.