Во „Ние сме медиумите!“ поместени искуства за слобода на изразување и граѓанско новинарство

ЦИВИЛ – Центар за слобода денес во Младинскиот културен центар одржа мултимедијална презентација на проектот „Граѓански објектив“ и промоција на публикацијата „Ние сме медиумите!“, во која се поместени искуства, извештаи и текстови на автори кои пишуваат за слободата на изразувањето, за трансформацијата на медиумите, за македонските состојби, за историјата на граѓанското новинарство…

Публикацијата „Ние сме медиумите!“ е објавена на македонски, албански и на англиски јазик во печатена и во електронска форма.

За успешната реализација на проектот, како што посочи Џабир Дерала, заслужни се сите чинители вклучени во многубројните активности, како што беа предавачите на обуките, активистите низ цела Македонија, оние кои известуваа за протестите од првите редови, но и целиот тим на ЦИВИЛ.

Петрит Сарачини од ЦИВИЛ истакна дека улогата на медиумите е да им го направи животот удобен на оние на кои не им е удобно, и да им го направи неудобен животот на оние на кои им е удобно. Тоа, според ЦИВИЛ, е и улогата на граѓанските новинари кои организацијата ги промовира и поттикнува.

На денешната презентацијата беше отворена и изложба со фотографии од граѓански новинари и од проектот.


Фото + Видео: ЦИВИЛ