Во Иран изречена првата смртна казна поради учество на протестите по смртта на Машха Амини

Суд во Техеран ја изрече првата смртна казна на лице обвинето за немирите во Иран, соопштија извори блиски до правосудните органи во земјата, пренесува Н1. Обвинетиот, чие име не се соопштува, е осуден на смрт поради „палење на една владина зграда, нарушување на јавниот ред и мир, собирање и заговарање за извршување кривично дело против националната безбедност“, се вели во соопштението и се додава дека лицето е божји непријател.

Друг суд, исто така во Техеран, осуди пет лица на затворски казни од пет до десет години за „собирање и заговор за извршување злосторства против националната безбедност и нарушување на јавниот ред“.

Протестите во Иран започнаа на 16 септември, денот кога 22-годишната Махша Амини почина во болница, каде што беше згрижена во тешка состојба откако беше уапсена на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран.

Демонстрациите подоцна се претворија во движење против иранските верски власти. Според податоците на невладините организации, во задушувањето на протестите загинале повеќе од 300 луѓе.