Иранска актерка уапсена поради што изразила солидарност за протестите

Иранските власти ја уапсија Таранех Алидуста, една од најистакнатите ирански актерки за наводно ширење невистини во врска со неколкумесечните протести во земјата, јавува „Еуроњуз“.

Според државните медиуми во Иран, Алидуста која глумеше во филмот „Продавачот“ кој доби оскар, ја привеле откако јавно на социјални мрежи изрази поддршка за првиот човек кој беше егзекутиран поради наводни злосторства за време на протестите.

Како што пишува еден од медиумите, „Ирна“, Алидусти била уапсена затоа што „немала никакви валидни докази за нејзините тврдења“.

„Ирна“ објави и дека неколку познати личности исто така биле повикани на разговор од страна на судско тело поради објавување, како што пишува „провокативна содржина“.

Актерката има објавено барем три објави на Инстаграм со кои изразува поддршка за демонстрациите. Нејзиниот профил кој имаше околу 8 милиони следбеници сега е суспендиран.

Властите во Иран претходно ги уапсија и актерките Хенгамех Газијани и Катајун Риахи поради „покажување солидарност со протестите на социјалните мрежи“. Во моментов и двете актерки се на слобода.

Минатата недела во Техеран беше донесена втората смртна пресуда на затвореник поврзан со протестите, поради тоа што наводно избодел со нож двајца членови на правоените ирански сили.

Според активистите за човекови права во Иран, досега во протестите кои траат повеќе од три месеци се убиени барем 495 луѓе. Повеќе од 18.200 луѓе биле приведени од страна на властите, а активистите тврдат дека најмалку десетина луѓе се осудени на смрт на сослушувања зад затворени врати. Демонстрациите во Иран започнаа на 16 септември годинава по смртта на Махша Амини која беше приведена и претепана од полицијата за морал.