[Обновено] Најмалку 35 лица досега загинаа во масовните протести за смртта на Махша Амини во Иран

Најмалку 35 лица досега загинаа во насилните демонстрации што избувнаа во Иран пред една недела по смртта на младата Машха Амини, која беше уапсена од полицијата за морал, јавија денеска иранските државни медиуми.

Амини беше уапсена на 13 септември во Техеран поради носење несоодветна облека од страна на полицијата за морал задолжена за спроведување на строгиот кодекс на облекување во Иран. Дваесет и две годишната девојка почина во болница, три дена по апсењето, а нејзината смрт предизвика демонстрации во неколку градови во Иран, вклучувајќи го и главниот град Техеран.

„Државната телевизија синоќа објави дека бројот на загинати во неодамнешните немири во земјата достигна 35“, објави новинската агенција поврзана со Министерството за спорт на Иран, „Борна њуз“.

Иранките ги палат хиџабите на масовните протести за смртта на Махша Амини

Полицијата негира дека ја малтретирала Амини, наведувајќи дека таа починала од срцев удар, но нејзиното семејство тврди дека претходно немала срцева болест. Властите ветија темелна истрага за смртта на младата жена.

Инцидентот беше осуден од многу светски лидери и организации за човекови права, вклучително и САД, кои ја санкционираа иранската полиција за морал, како одговор на „злоставувањето и насилството врз иранските жени и кршењето на правата на мирните ирански демонстранти“.