[Видео] Европратеничка ја потстрижи косата за да покаже солидарност со демонстрантите во Иран

Шведската европратеничка Абир Ал-Сахлани од говорницата на Европскиот парламент (ЕП) ја потстрижи косата во знак на солидарност со анти-владините протести во Иран, јавува Евроњуз.

Потегот на Ал-Сахлани е уште еден во низата на изразување поддршка за демонстрантите во Иран во последните денови низ Европа.

Во Иран повеќе од две недели се одржуваат протести по смртта на 22-годишната Махша Амини која на 16 септември беше запрена од иранската полиција за морал поради наводно непридржување до строгиот кодекс на облекување.

„Додека жените од Иран не бидат слободни. Ние ќе стоиме со вас“, рече европратеничката додека ја потстрижуваше косата пред европратениците во Стразбург.

Жените во Иран палат шамии и си ја потстрижуваат косата во знак на протест поради смртта на Амини.

Во меѓувреме, во Холандија стотици демонстранти маршираа до холандскиот парламент во знак на солидарност.

Во Италија пак, посетителите на Националниот центар за современа уметност и архитектура во Рим оставија прамени од коса во проѕирна кутија на рецепцијата како симбол на солидарност со Иранките. Кутијата полна со прамени од коса ќе биде доставена до иранската амбасада во Рим.

Француските пратеници и министри во Националното собрание ја започнаа седницата со едноминутен молк во знак на „почит“ на Иранците кои „платија со живот за својата борба за слобода“.