Во Грција наскоро ќе биде објавен нацрт-закон за легализација на истополовите бракови во обид да се елиминира дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, изјави премиерот Киријакос Мицотакис, пренесува Н1.
Грција спроведе низа реформи во изминатата деценија за подобрување на правата на ЛГБТ+, но Грчката православна црква се противи на еднаквите права за истополовите парови.
Мицотакис подготви национална стратегија за правата на ЛГБТ+ лицето, која би можела да добие поддршка од левицата, но и да наиде на противење во поконзервативните кругови.
„Она што законски ќе го пропишеме е еднаквост во бракот, што значи елиминација на секаква дискриминација врз основа на сексуална ориентација“, рече Мицотакис во интервју за државната телевизија ЕРТ.
Тој додаде дека тоа „не е нешто револуционерно различно од она што важи во другите европски земји“.
ЛГБТ+ заедницата смета дека реформите што претходно ги воведе Грција не беа доволни.