Властите на Хонг Конг најавија повлекување на законот за екстрадиција

Предводничката на Владата на Хонг Конг, Кери Лам, во текот на денешниот ден се очекува официјално да го повлече предложениот закон за екстрадиција, кој предизвика тримесечни протести во кинескиот град, објави „South China Morning Post“, повикувајќи се на неименувани извори, пренесе Ројтерс.

Останатите локални медиуми исто така известија за можното повлекување на законот.


Повлекувањето на законот за екстрадиција е едно од главните барања на про-демократските демонстранти кои ја втурнаа поранешната британска колонија во нејзината најдлабока криза во последните децении.

Оваа недела беше 14-та последователна како се одржуваат протести во градот-држава предизвикани од законската промена со која беше предвидено да се олесни екстрадицијата во Кина на граѓани на Хонг Конг. Во меѓувреме демонстрациите се проширија и на барања за независна истрага за полициската бруталност и правото на глас на избори.

На почетоков на неделава илјадници средношколци и студенти ги бојкотираа часовите и предавањата во Хонг Конг во поддршка на про-демократските протести низ земјата.