Владата ќе прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, не се предвидени рестрикции на струја

Владата ќе прогласи енергетска кризна состојба, иако засега нема да има рестрикции, најави министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат.

Целта на овој потег, како што посочи тој, е да може да се одвојат буџетски средства во енергетските компании како што се ЕСМ и МЕПСО со цел да се зголеми нивната ликвидност за да може да се интервенира во увозот на струја.

„Рестриктивни мерки во моментот не се предвидени. Министерството за економија и сите институции вклучени во енергетскиот сектор постојано имаат состаноци и будно се следи состојбата на електроенергетскиот сектор во државата. Министерството за економија предложи до Владата, и во саботата беше донесена Уредба за начинот и критериумите за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор со цел да се усогласи со новиот Закон за енергетика. Согласно Уредбата ќе може да се спроведат разни мерки вклучително и Владата директно преку буџетот и институциите кои се директни буџетски корисници на средства да интервенира во енергетските компании како што се ЕСМ и МЕПСО“, рече Бектеши.

Директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани во „Економски Магазин“ на Алсат изјави дека им се потребни средства за енергетската криза. Како што посочи тој, во моментов им требаат 30 милиони евра, за што упатиле допис до институциите.

„Нам како МЕПСО во моментов ни се потребни околу 30 милиони евра за што писмено се имаме обратено до Владата, Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика и Министерството за транспорт и врски“, рече Рамадани.

Уредбата за начинот и критериумите за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор постои уште во 2012 година, а сега според измените, доколку нема доволно струја во државата рестрикции за домаќинствата не се споменати, но би се исклучувале уличните светилки, светлечки реклами, билборди.