Владата усвои мерки за заштеда на струја – задолженија за државните и јавни институции, препораки за домаќинствата

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше за сет препораки, мерки и задолженија за заштеда на електрична и топлинска енергија кои денеска ги усвои Владата.

Мерките се носат со цел да се намали потрошувачката на електрична енергија и кај државните и јавни институции, како и кај домаќинствата и компаниите, соопшти Владата. Мерките ќе почнат да важат од 1 септември и ќе траат до 31 март, следната година.

„Како што и претходно напоменав и веќе алармиравме, прогнозите се дека ќе ја преживееме една од најтешките зими на енергетски план, не само нашата земја, туку сите земји во регионот и во Европа. Со цел полесно да се справиме со периодот кој не очекува за да имаме непречено снабдување со електрична енергија и нејзино ефикасно искористување, и крајна цел пониски сметки за струја, Министерството за економија подготви план и препораки ‘Заштеда на струја за безбедна зима’, рече министерот Бектеши.

Препораките, укажувањата и задолженијата се поделени во повеќе категории во зависност од тоа дали се работи за домаќинства, компании или простории на јавни објекти во сопственост на државата.

Па така, државните и јавните институции и државни претпријатија се задолжени:

  • Да го исклучат декоративното осветлување на фасадите на сите објекти и културни споменици,
  • Да не се користи осветлување во внатрешните простории во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина,
  • Во јавните објекти во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени,
  • Просториите да се проветруваат кратко и интензивно,
  • Исклучување на светилките кога се напуштаат просториите или може да се користи дневна светлина,
  • Печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што се неопходни,
  • Да се исклучуваат сите компјутери по завршување на работата,
  • Да се заменат каде што има финансиска можност старите светилки со нови поефикасни светилки,
  • Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела односно клима уредите во работните простории,
  • Се препорачува до јавните претпријатија во рамките на буџетите инсталирање на колекторски системи за загревање на вода,
  • Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот,
  • Да се инсталираат интелигентни системи за управување на потрошувачката на енергија.

Во меѓувреме, препораките за домаќинствата се:

  • Користете го бојлерот за подготовка на топла вода само кога таа ви е потребна и тоа по можност во ниска тарифа на електрична енергија (ефтина струја), без притоа да се наруши квалитетот на живеење. Не го поставувајте термостатот на бојлерот за топла вода до максимум. Колку е температурата на водата повисока, толку е и топлинската загуба кон околината повисока.
  • Избегнувајте позиционирање (вклучување) на ладилникот на (нај)ниски температури.
  • Користете ги разумно грејните тела во вашиот дом.
  • Во текот на денот користете го што е можно повеќе сонцето за осветлување како и за загревање на просторот во грејната сезона, додека во текот на ноќта во грејна сезона спуштајте ги ролетните и завесите.
  • Во текот на денот во летна сезона спуштајте ги ролетните и завесите.
  • Не ги блокирајте и не ги покривајте грејните тела со мебел или завеси. Ако грејното тело е покриено, тогаш тоа помалку емитира топлина и помалку ја затоплува просторијата.
  • Користете ја машината за миење садови секогаш полна на ниска тарифа на електрична енергија..
  • Машината за перење алишта користете ја секогаш кога е полна и во време на ниска тарифа на електрична енергија.
  • Исклучувајте ги светилките во просториите во период кога подолго време не престојувате во нив.
  • Исклучувајте го компјутерот по завршувањето на работата со него.
  • Исклучувајте ги полначите за батерии од приклучниците (лап-топ, мобилни телефони).
  • Гответе во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата.
  • Заменете ги старите сијалици (со вжарено влакно) со компактни флуоресцентни сијалици или други соодветни со ознака за повисока класа на енергетска ефикасност.
  • Редовно менувајте ги филтрите на уредите за греење и на клима уредите во вашиот дом.
  • Користете енергетски ефикасни (CFL, LED) сијалици.
  • Поставете туш со малo протекување на вода во вашите купатила.
  • Изолирајте го таванот во вашиот дом и подобрете ја изолацијата на надворешните ѕидови.
  • Изолирајте ги добро прозорците и надворешната врата во вашиот дом или заменете ги со нови кои имаат подобри карактеристики во однос на пренос на топлина (низок коефициент на топлопроводливост).
  • Намалете го навлегувањето на надворешниот воздух во објектот (процепи, пукнатини итн).
  • При купувањето на нов производ преферирајте тој да биде со највисока класа на енергетска ефикасност (A+++, A++, А+, А). Уредот со повисока класа на енергетска ефикасност троши многу помалку енергија, а со тоа и пари во однос на уред кој што е означен со пониска класа на енергетска ефикасност.
  • Исклучете го декоративното осветлување на фасадите на приватните објекти.
  • Не користете осветлување на внатрешните простории кога има доволно дневна светлина.
  • Во сезона на ладење подесете ја температурата на климатизерите не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.
  • Доколку е возможно инсталирајте на колекторски системи за загревање на вода.
  • Користете скали наместо лифт доколку е соодветно за да се намали потрошувачката на енергија,
  • Користете го клима уредот кога навистина е потребен и температурата прилагодете ја на разумно ниво.
  • Кратко и интензивно проветрувајте ги просториите .
  • Доколку имате финансиски средства на располагање, подобрете ја енергетската ефикасност преку промена на енергетски ефикасни прозори, подобрување на изолацијата, подобрување на енергетската ефикасност на системите за греење и ладење, инвестирајте во фотоволтаични системи.
  • Полнење на батериите на електричните тротинети во ниска тарифа на електрична енергија (ефтина струја).

Меѓудругото, донесени се и препораки за бизнис заедницата, за општините и градот Скопје, како и за Јавното претпријатие Државни патишта.

Целта на мерките е намалување на потрошувачката на електрична енергија за 15% споредено со истиот месец претходната година, а министерот Бектеши соопшти дека доколку не се постигне оваа цел дека ќе следуваат санкции за органот кој ја раководи институцијата, предвидени со посебна одлука на владата.