[Видео] Ученици во Ирска ги заменија школските автобуси со велосипеди

Ученици во ирскиот град Лимерик наместо со родителите во автомобил, или со школските автобуси, во училиште почнаа да одат со велосипеди. На овој начин тие се заштитуваат од пандемијата со Ковид -19, но го подобруваат и сопственото здравје и придонесуваат за помалку загадување.

Децата се дел од основното училиште „Училишен проект Лимерик“ и тие секое утро групно возат велосипед до училиштата предводени од нивните родители. Во групата се наоѓаат околу 30 семејства.


Овој транспорт е овозможен со воспоставување нова велосипедска патека преку еден од градските мостови, која овозможува со ова превозно средство безбедно да се премине реката Шанон, која поминува низ центарот на градот.

„Брилијантно е и се навлекуваш на тоа. Кога ќе започнеш не можеш да престанеш. И убаво е секое утро од кревет да се качиш на велосипедот и да стигнеш во училиштето“, вели ученикот Боби Колинс.

Учениците сега се залагаат за исти вакви велосипедски патеки и на другите мостови во Лимерик, со што би се охрабриле уште повеќе млади да возат велосипеди.

„Мостовите беа препрека за велосипедистите долги години наназад, сите го воочија тоа. Кога ја поставија оваа велосипедска патека бевме пресреќни, а сега дел од децата велат дека не треба да се застане тука. Треба да обезбедиме целосна поврзана велосипедска мрежа за велосипедистите во градот“, вели Ан Кронин, родител на еден од учениците кои се дел од групата.