Велосипедска тура и прекуграничен форум на Осогово

Македонско еколошко друштво во соработка со Бугарската Фондација за биодиверзитет на 28 и 29 октомври организира велосипедска тура на Осогово којашто ќе заврши со прекуграничен форум „Природен потенцијал и одржлив туризам на Осогово“. Форумот ќе се одржи во просториите на Осоговскиот Манастир „Јоаким Осоговски“, Крива Паланка, на 30 октомври.

Велосипедската тура првиот ден ќе тргне од Ќустендил, ќе продолжи кон врвот Човек, за да заврши кај манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. Вториот ден турата ќе се движи  од Крива Паланка кон Кочани, на Пониква. Ќе се вози средно тешка тура од 30 км, по маршутата Калин Камен – Царев врв – Пониква, која по кратка пауза со освежување че продолжи со лесно спуштање од 15 км , по маршутата Пониква – Раткова скала – Шталковица – Злетово.

Настанот се организира во рамки на проектот „Поддржување на одржлива иднина за луѓето и природата на Осоговските Планини“ што го спроведува МЕД со финансиска поддршка на DBU, Франкфуртско зоолошко друштво и Фондацијата Еуронатур.