Велешката библиотека „Ратко Пајдаков“ доби 9 нови Брајови книги и 3 нови аудио книги

„20 000 милји под морето“ на Жил Верн, „Балканот не е мртов“ на Дејан Дуковски и „Оливер Твист“ на Чарлс Дикенс, се дел од вкупно 9 книги кои неодамна беа издадени во Брајово писмо, а се достапни во библиотеката „Ратко Пајдаков“ во Велес.

Тие беа промовирани при одбележување на 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, од страна на Здружението на слепи лица на Општина Велес.

Оттаму забележале дека побарувачката на Брајови книги од нивната библиотека значително се зголемила. Книгите кои бесплатно ги дистрибуираат до нивните членови ширум државата, биле препрочитувани неколку пати. Со новите наслови, Брајовата библиотека има 47 Брајови книги.

„Среќен сум што продолжуваме по патот кој што г-динот Пајдаков го зацрта далечната 1997 година кога за прв пат отпечативме нешто на Брајово писмо во Македонија, што во рамките на Сојузот на слепите на Република Македонија, што во рамките на библиотеката за слепи „Ратко Пајдаков“ во Велес, која што на наша среќа Извршниот одбор на Здружението во Велес го прифати мојот предлог да се вика „Ратко Пајдаков“. На овој начин 9 нови наслови како медиум стануваат достапни за нашите лица. Тоа значи уште 9 нови содржини прилагодени за потребите на нашите лица“ истакна Коце Димов од НУБ „Св. Климент Охридски“.

Реализацијата на овој проект претставува имплементација на Член 9 и Член 21 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, во кои се опишуваат токму правата за барање, добивање и доставување на информации на еднаква основа со другите.

„Вработена сум како просветно работник во државно училиште за деца со оштетен вид и од таму можам да ја согледам потребната и желбата на нашите ученици за Брајови книги. Ташко е да се објасни на едно мало дете кое што има желба да прочита наслов како и неговите врсници, а вие не сте во состојба да му кажете: тој наслов го нема на Брајово писмо и да му објаснувате зошто тоа не е сторено на Брајово писмо. Затоа ве замолувам сите вие кои што можете да помогнете ваков еден проект, убаво да размислите дали би го сториле тоа. Ако иднината останува на децата, тогаш треба да се трудиме околу нив“ – рече Надица Јовановска, обраќајќи внимание на значењето на Брајовото писмо за слепите ученици.

Надица Јовановска од Државното училиште за деца и младинци со оштетн вид, истакна: „Настан кој што не се случува така често и не е секојдневен поради тоа што вакви проекти се реткост иа вакви промоции, а би сакале да бидат далеку побројни и со многу повеќе наслови бидејќи нашите желби и нашите потреби се многу поголеми“.

Покрај Брајовите книги, беа издадени и 3 нови аудио книги – „Сон на тркала“ – Стојан Тарапуза, „Грдото пајче“ – Ханс Кристијан Андерсен и „Сказна за детето Вилен“ – Глигор Поповски. Тие пред се’, се за потребите на учениците од основните училишта бидејќи се дел од лектирната литература.

Брајовите и аудио книгите се достапни и во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, како дел од Брајовото катче.

Брајовите книги и книгите во аудио формат бесплатно се дистрибуираат до слепите лица низ целата држава, со што овие проекти се од национално значење и интерес. Аудио книгите, како останатите аудио наслови се достапни на веб страницата на Националниот сојуз на слепи NSSRM.ORG.MK.

„Се’ додека постои парче хартија кое не е во пристапен формат за слепите лица, нашата мисија ќе ја сметаме за незавршена. Наша цел е следната година да промовираме уште поголем број на наслови пристапни за слепите лица“, порачуваат од Здружението на слепите лица на Општина Велес.