Урбаното зеленило желба на граѓаните, ветување на политичарите

Еден подолг период жителите на дел од скопската општина Карпош, во Тафталиџе, водеа битка со локалната власт за премолчено, тајно, нетранспарентно, одземање на маалското зеленило и негова пренамена во станбена зграда. Во бетон, стакло и железо. Планирано беше на местото на грмушките и дрвјата, насадени уште со изградбата на населбата, да изникнат нови станбени и деловни објекти, што и онака веќе се премногу. Требаше да се загуби парк, зелена површина, што секој слободен момент жителите од околните згради го минува во него. Жителите битката ја добија, но таа беше само мала пирова победа, бидејќи на многу други локации од градот за само една-две декади комплетно се сменија ликовите на старите скопски маала.

Заради добрата организација и отпорот се успеа делумно да се спречи уништувањето на малата зелена оаза. Ваквите мали, но особено значајни зелени површини за граѓаните значат надеж за заштита на нивното здравје и надеж во справувањето со загадувањето, кое од се уште делумно непознати причини е се поприсутно, не само во овој дел од градот, туку и во други општини во Македонија.

Заштитата на животната средина, екологијата, зелените градови… беа меѓу главните теми на веќе завршените шести локални избори. Додека траеја изборите, во Собранието на РМ беше поднесен Предлог на законот за урбано зеленило, чии предлагачи се пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, нејзината колешка Маја Морачанин, тогашните пратеници, а сега веќе новоизбрани градоначалници на Скопје, Петре Шилегов, на Карпош, Стефан Богоев, и на Штип, Благој Бочварски, како и пратениците Диме Велковски и Ејуп Алими од ДУИ. Токму овој закон има за цел, меѓу другото, заштита на зеленилото во урбаните центри.

„Овој закон доби поддршка од коалицијата чиј дел е ДОМ. Очекувам дека ќе помине во Собранието посебно затоа што сега е видлива политичката волја за зелени општини. Ние, како Зелена партија, сме среќни дека она за што се залагаме има целосна не само поддршка, туку е и заедничка заложба со СДСМ која е носечка партија во коалицијата. Екологијата, практично, беше тема на овие избори. Екологијата и заштитата и унапредувањето на зелените површини и затоа сум повеќе од сигурна дека законот, не само што ќе биде изгласан, туку и сегашните градоначалници што се потпишани и оние што не се потпишани верувам дека ќе го спроведат“, изјави Поповска за МИА.

Што предвидува Предлог-законот за урбано зеленило?

Предлог-законот за урбано зеленило треба да обезбеди ефикасна заштита на постојното зеленило и обврска на општините и на државата да овозможат зеленило што е потребно за здраво живеење.

Законот предвидува конкретни критериуми и мерки за планирање и проектирање на зеленило, односно 25 м2 по жител на ниво на град и 20 проценти зеленило на ниво на градежна парцела, како обврска во процесот на планирање, проектирање и на градење. Носењето на овој закон ќе повлече и измени на законите за просторно и урбано планирање и за градење кои се катастрофални и кои децении наназад стануваа се полоши и полоши во секоја нивна верзија.

Овој закон се очекува да обезбеди заштита на сето постојно зеленило. На која било површина испланирана како зеленило, ќе биде забрането сечење на кое било дрво со обем над 40 сантиметри. Предвидени се критериуми за тоа што се мора да обезбеди секоја општина како подигање, одржување, реконструкција и заштита на зеленилото, бидејќи со овој закон тоа ќе биде надлежност на општините и на Градот Скопје. Градот Скопје и досега имаше обврска да се грижи за градското зеленило, но, новина е тоа што сега обврска добиваат и сите други општини. Со ова би се направил цел систем за заштита и подигање на зеленило.

Законот треба да спречи планирање и градење по волја и во интерес на поединечни инвеститори и градоначалници, а тоа да се работи според интересот на граѓаните.

Апелот до градоначалниците е сега да не го изгубат ентузијазмот што го имаа во текот на изборите и со подеднаков ентузијазам да се зафатат со негова реализација.

И покрај тоа што ваквиот закон во минатото не беше поддржан од поранешното владејачко мнозинство, кое сега е во опозиција, предлагачите посакуваат тој сега да добие поддршка и од нив.

Овој закон четврти пат се поднесува во Собранието, а причината што тој досега не беше прифатен е немањето политичка волја за ефикасна заштита на зеленилото и некој да се откаже од можноста да се прават непринципиелни и штетни договори со приватни инвеститори на сметка на здравјето на граѓаните и животната средина.

Императив на новиот градоначалник на Скопје Шилегов зазеленување на градот

Градоначалникот Шилегов по преземање на функцијата изјави дека за него императив е зазеленување на главниот град, бидејќи на граѓаните им вети Скопје во 2021 година да поднесе кандидатура за зелена престолнина.

Како приоритетно прашање на кое ќе работи Шилегов тогаш го посочи намалувањето на загадувањето за што најави интензивно зазеленување на градот, гасификација и изградба на секундарен сообраќаен северен прстен што ќе овозможи развој на современите видови јавен превоз. Дел од мерките ќе бидат и слободен јавен превоз, мониторинг на извршување на градежните активности во најзагадените денови, рестрикции на сообраќајот во централното градско подрачје, а веројатно е дека во консултација со граѓанските организации ќе се стави монаториум на употребата на јагленот како еден од најголемите произведувачи на ПМ честички.

Собранието на потег

Зеленилото е гордост на многу европски метрополи, кои го истакнуваат како туристички бренд на местото, како „зелениот Берлин“ или „Виенските шуми“, а многу градови се избориле за титулата „зелен град“, како Хамбург, Копенхаген, Љубљана, Стокхолм, Хелсинки и други. Тоа, како што се наведува во оцената на состојбите во областа во Предлог-законот за урбано зеленило, е порака дека тоа се градови со висок квалитет на животот, каде зеленилото зафаќа дури повеќе од 45 проценти од површината на градот. Некои од овие заштитени зони се со долгогодишна традиција на почит кон природата. „Виенските шуми“ на пример прв пат се заштитени во далечната 1905 година со таканаречената Зелена повелба, а подоцна со уште неколку други правни акти.

За да се овозможи здраво и хумано живеење потребно е зеленило 25 метар квадратен на жител. Тоа била проекцијата за Скопје во Генералниот уранистички план од 2002 година, но никогаш не дошла ни близу. Според официјални податоци (ГУП, 2012-2022) Скопје во 2011 година имало 12,17м2/жител зеленило односно 9,18 м2/жител, сметано на 550.000 жители, но во рамките на новиот плански опфат. Како проекција за 2022 година е предвидено тоа да биде 18,5 м2/жител, но за да се постигне тоа, потребно е подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило. Слична е состојбата и во другите урбани центри во Македонија. Сепак, иницијаторите на законот сметаат дека најнапред треба да се направи попис на зеленилото.

Предлог на законот за урбано зеленило е веќе во собраниска процедура, и ќе се носи во редовна постапка. Треба ги мине комисиските расправи, а потоа да се најде на собраниско заседание. Се очекува тоа да биде веднаш по почнувањето со работа на Парламентот по завршувањето на локалните избори.

МИА