Универзитетското студентско собрание на УКИМ бара формирање на консултативно тело за финансиска помош на студенти

Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ побара формирање на консултативно тело за финансиска поддршка на студентите и нивните семејства кои како што велат, се погодени од актуелната криза.

Поради ова, тие иницираат отворање на консултативни разговори на кои би се приклучиле младинските организации, Агенција за млади и спорт, Министерство за образование и наука, Министерство за финансии, Влада и партиски подмладоци.

„Семејствата во кои има студенти имаат поголеми месечни трошоци од останатите, па затоа сметаме дека потребни се дополнителни мерки кои би ја олесниле финансиската ситуација во која се наоѓаат и би овозможиле непречено фокусирање на образованието“, сметаат од УСС.

Целта на консултативната група, според нив, ќе биде да предложи краткорочни и долгорочни мерки.

„Студентите како ранлива категорија најчесто се финансираат од приходите на своето семејство, а овие приходи се значајно намалени од почетокот на кризата. Дополнително, студентите кои своето студирање го финансираат самостојно, исто така, се сериозно погодени од оваа криза, имајќи го предвид фактот дека голем дел од нив работат хонорарно и привремено, па не се опфатени со досегашните економски мерки. Сето ова доведува до голема финансиска несигурност кај студентите и нивните семејства загрозувајќи го продолжувањето на образовниот процес на студентите кои се погодени од кризата“, велат од УСС.

Тие бараат итно да се започне со работа на конкретни структурни мерки кои би имале задача да ја олеснат оваа ситуација.

„Сметаме дека првиот состанок каде веќе ќе се предложат и ќе се дискутира за конкретни мерки треба да се одржи што е можно побрзо, веќе следната недела во периодот од 21 до 24 април. Ајде да бидеме разумни и да најдеме соодветни решенија на проблемите со кои се соочуваме. Во време на криза нема простор за индивидуализам, мораме да ги активираме сите капацитети за да излеземе како победници“, стои во барањето на УСС.