Универзитетско студентско собрание УКИМ до бруцошите: Бидете реални, но секогаш барајте го невозможното

Бидете реални, но секогаш барајте го невозможното е пораката која ја испрати Универзитетско студентско собрание при УКИМ до бруцошите, а по повод почетокот на новата академска година.

„Студентите се носителите на општествените промени. Во овој период ќе имате можност да се надоградувате самите, но и да бидете двигател на општествениот напредок. Да давата силна критика на неправдата и да се солидаризирате со оштетените. Само силен и истраен студентски активизам може да обезбеди подобри услови за вас самите, но и за целата заедница. Како студенти морате да се информирате за своите права и обврски, да знаете што ви следува и за што треба да се борите. Ретко кога се ќе ви биде дадено на тацна, најчесто ќе морате да бидете активни, бунтовни, солидарни и организирани доколку сакате да издејствувате нешто што сметате дека треба да се добие. Приспитувајте го секој авторитет, не дозволувајте да бидете искористени од никого“, порачуваат од УСС УКИМ.

Во своето обраќање до новите колеги, тие повторуваат дека студентите се еднакви членови на академската заедница.

„Професорите се ваши колеги, треба да ги почитувате, меѓутоа тоа не смее да биде стравопочит. Односот со професорите треба да го градите врз основа на меѓусебно разбирање и соработка, а не врз основа на страв и доминација. Наставните кадри треба да бидат вашите ментори и позитивни примери кои ќе ви помогнат да се изградите академски и интелектуално. УКИМ располага со најквалитетните кадри во државата, искористете го нивното знаење и искуство. Почитувајте ги тие кои ќе ве почитуваат, спротивставувајте се кон тие кои ќе ве гледаат одозгора. Организирајте се и делувајте, вие сте еднакви членови на академската заедница и треба да бидете почитувани како такви.

Студентските претставнички тела (студентски собранија) се вашето најсилно оружје. Учествувајте и информирајте се. Студентските претставници се избираат на непосредни избори секоја година. Вие како студенти имате право да избирате и да бидете избрани. Искористете го тоа право. Учествувајте во работата на собранијата и истовремено ќе придонесете за подобри услови, но и ќе доживеете прекрасни искуства и познанства“, додаваат од УСС УКИМ.

Универзитетското студентско собрание е студентско претставничко тело на студентите на целиот Универзитет, кое за прввпат беше формирано минатата година. Студентските претставници се бираат секоја година, на студентски избори. Право на учество во изборите имаат сите студенти на Универзитетот.