Унет: Порталите паднаа поради генерирање огромен сообраќај од повеќе локации низ светот

По саботниот прекин на сообраќајот со десетина македонски портали хостирани на УНЕТ, компанијата информира дека во текот на раните утрински часови на 19 ноември со почеток од 2.30 кон серверите на македонскиот хостинг-провајдер Унет Клауд регистрирано е генерирање на огромен сообраќај кон Унет од повеќе локации низ светот.

„Со зголемувањето на сообраќајот што доаѓал од повеќе сервери и локации надвор од државата била отежната работата на главните телекомуникациски линкови, а со тоа била намалена функционалноста на сервисите на системот.

Бидејќи тој неконтролиран сообраќај, кој многукратно ги надминувал заштитните капацитети на линкот, константно се зголемувал, кај нашиот интернет-провајдер до 5 часот почнале да се појавуваат проблеми на глобално ниво, по што биле активирани заштитните механизми на интернет провајдерот и интернет сообраќајот на ниво на Border Gateway Protocol (BGP), со што превентивно линкот кон Унет бил целосно прекинат.

Проблемот е веднаш пријавен кај провајдерот согласно со нашиот SLA договор за 99% активност на годишно ниво. Од провајдерот е направена анализа и увидено е дека се работи за генерирање на огромен сообраќај кон Унет од страна на повеќе локации низ светот. Веднаш се активирани заштитните механизми, по што службите на провајдерот во Словенија и Австрија, извршени се блокади на генериторите на неконтролираниот сообраќај. По релативно кратко време, интернет-сообраќајот кон Унет на ниво на BGP е вклучен и корисниците почнаа да добиваат пристап со повремени прекини до своите сервиси околу 11 часот. Во 12.30 часот интернет-сообраќајот е целосно стабилизиран со што сите сервиси почнаа да функционираат нормално.

За причините што го предизвикаа овој проблем се известени сите релевантни субјекти, како и сите наши корисници.

Во тек се технолошки и системски активности со кои се надеваме во иднина ќе се превенираат ваквите идни евентуални ситуации.

Уште еднаш им се извинуваме на сите наши корисници за настанатите проблеми и краткиот прекин на нашите сервиси, до кој е дојдено не по наша вина.

Уште еднаш би сакале остро да ги демантираме сите политички интонирани дезинформации во дел од медиумите и социјалните мрежи за селективно оддржување на функционалноста на делови на системот. За нас е неприфатлива реакцијата на дел од медиумите како и поединци, кои надвор од секоја логика и воспоставена позитивна деловна практика, си дозволија да шират лаги и инсинуации за нашата компанија, која, за потсетување, е ваш лојален и сигурен партнер скоро четврт век“, соопшти Унет.