УНДП: Жртвите и штетите од поплавите можат да се избегнат

Поплавите во скопскиот регион и минатогодишните, во Тетово и Пелагонија, се дел од една поширока состојба која го прави регионот на Западниот Балкан еден од најподложните на природни катастрофи.

Но ништо не е неизбежно, а одговорот е во превенцијата, покажува новиот извештај за Западен Балкан на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Со инвестирање во инфраструктурата од заштитен карактер, како и попаметни практитки – можат да се спасат животите и имотот.

Високата бројка на жртви во скопските поплави од август го потенцираше значењето на концептот „Преживеј за да раскажеш“, кој е тема на овогодишниот 13-ти октомври, Меѓународен ден за намалување на ризиците од катастрофи.

„Три катастрофални поплави во период од 18 месеци: ова е порака со која што климатските промени излегоа целосно од рамките на екстремните временски услови. И додека намалувањето на ризикот од поплави е приоритет насекаде за УНДП, влоговите овде и низ целиот Западен Балкан се исклучително високи“, вели постојаниот претставник на УНДП Македонија, Луиза Винтон.

Последниве две години во Западниот Балкан од природни непогоди страдале 15 пати повеќе население и предизвикана е 30 пати поголема економска штета отколку во целиот период  помеѓу 2000-2013 година.

„Во текот на последните две децении, во вакви катастрофи на глобално ниво загинаа повеќе од 1,3 милиони луѓе и е предизвикана материјална штета во вредност од над 2 трилиони американски долари. Овој извештај посочува дека преземањето на поактивен и превентивен пристап кон ризикот помага во заштитата на животите и изворите на животна егзистенција на луѓето кои живеат во овој регион и ќе помогнат да се заштити постоечкиот и иден развој и инвестиции во регионот“, изјави Винтон.

Спречувањето на поплавите е основата на програмата на УНДП. Во последните две години, тие информираат дека системите за брза проценка на ризик од поплави, се имплементирани во три најризични речни сливови – Црна, Струмица и Пена, како и за поројните планински потоци во Полошкиот регион, Водно и Скопска Црна Гора.

strumica_reka

Река Струмица

Во моментов, информираат, УНДП гради и врши реконструкција на инфраструктурата за спречување поплави во сливот на реката Струмица, поправка и проверка на браните на реката Пена со цел да се заштити Тетово од поплави, како и санација на инфраструктурата што беше оштетена во поплавите во февруари 2015 година. Во овие напори се вклучени низа регионални и локални патишта и мостови, системи за одводнување, регулирање на речните корита и брани во 15 општини.

most_razlovci

Мост во Разловци

По поплавите во Скопје, УНДП преку проценка очекува да ги идентификува идните ургентни приоритети со цел спречување на поплавите и да обезбеди рамка за поддршка на донаторите. Проценката на потребите по настанувањето на природни несреќи и катастрофи ќе вклучува проширување на системот за одводни канали во случај на бура, изградба на брани за контролирање на поројните дождови, спречување на несоодветна употреба на одводните канали како импровизирани депонии, како и забрана за градење на живеалишта во местата со висок ризик од поплави и создавање на системи за рано предупредување кои ќе можат да го вклучат алармот веднаш штом ќе се појави закана од поплави.