Уметникот Глигор Стефанов подари 21 дело на Музејот на современата уметност

Еден од најзначајните македонски современици, уметникот Глигор Стефанов, кој минатата година имаше ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност, одлучи делата од поставката „Грабење во просторот“ да ги подари на музејот.

„Дарувањето е израз на благодарност и љубов. Не можам да го заборавам оној тмурен ноемвриски ден во 1981 година, неколку месеци по моето дипломирање, кога како млад и анонимен уметник, без препораки и познанства, влегов во канцелариите на МСУ за да замолам ако некој сака да го погледне моето портфолио. Таа посета на МСУ го промени мојот живот. Марика Бочварова во последен момент ме вклучи во изложбата „Млада Генерација”, Соња Абаџиева ме покани да земам учество во изложбата „Интервенции во Простор”, Зоран Петровски ме предложи за наградата „Млад Борец” а Мирослав Поповиќ ме избра во годишната изложба „Критичарите бираат”. Така започна веќе познатата долгогодишната соработка. Конкретно, подарувањето на делата од ретроспективната изложба на МСУ е упатување на благодарност кон институцијата и секој еден со кој соработував и работев во минатото и во деновите на подготовки на истата, благодарност до сите што го вреднуваа и подржуваа моето творештво. Ретроспективната изложба, монографијата и сместувањето на делата во колекцијата на МСУ се една целина која ја заокружи мојата уметничка активност, која интезивно се одвиваше во 80-тите и 90-тите години на минатиот век и е директно поврзана со македонското поднебје и сензибилитет“, вели Стефанов, кој години наназад живее и работи во Канада.

Од МСУ велат дека се горди што нивната колекција е побогата за уште една значајна збирка од домашен уметник.