Уличните кучиња и локалните власти – многу пари за отштети на граѓани, малку активности на терен

Бројот на бездомни кучиња во општините се зголемува, но се зголемува и бројот на каснати граѓани кои бараат отштета од надлежните институции (општините, јавните претпријатија, операторите). Некои општини издвојуваат десетици илјади евра за судски трошоци и отштети. Наместо да се занимаваат со последиците, локалните власти мора поактивно и поангажирано да ги користат општинските пари и капацитети за решавање на постојниот проблем, но и за превенција, пишува Новинската агенција Мета.

Ова e дел од анализата на НВО Инфоцентарот, со партнерските организации Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе, Организација на жени од Струмица, Активо од Велес и Центарот на заедницата на Општина Струга, кои за периодот октомври – ноември 2023 година спровеле мониторинг на мерките и активностите што ги преземаат општините за решавање на проблемот со бездомните кучиња и нивниот хуман третман.

Во анализата се вели дека потребни се ефикасни и хумани мерки за контрола на популацијата на бездомни кучиња, кои ќе овозможат здравствена заштита и безбедност како за населението, така и за животните.

„Општините треба да вложуваат во постојани информативно-едукативни активности за подигнување на свеста кај граѓаните за одговорно сопствеништво, за важноста на регистрацијата, стерилизацијата и вакцинацијата на домашните кучиња, за ненапуштање на милениците, како и за потребата од хуман третман и вдомување на уличните кучиња. За оваа цел, нужна е засилена соработка меѓу општините, стационарите, операторите и активистите за заштита на правата на животните“, пишува во извештајот.

Мониторингот опфаќа осум општини: Куманово, Велес, Струмица, Струга, Крива Паланка, Свети Николе, Лозово и Чашка, а се однесува на периодот 2020 – 2023 година.

Струга без никакво системско решение за проблемот со бездомните кучиња

Во последните неколку години бројот на бездомни кучиња во општина Струга постојано се зголемува, а се зголемува и бројот на нападнати и каснати граѓани. Ваквата алармантна состојба резултира со нарушена безбедност на жителите на општината кои сметаат дека справувањето со бездомните кучиња и нивниот хуман третман е еден од најголемите локални приоритети, се вели во анализата.

Прочитајте до крај на Мета.мк.