Ученици го посетија „Лајка“ и учеа за одговорно сопствеништво

Јавното претпријатие „Лајка“ денеска го посетија учениците од трето одделение од основните училишта „Невена Георгиевска Дуња“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и средното „Васил Антевски -Дрен“, со цел да се одбележи 4 април, Светскиот ден на бездомните животни.

„Нашата цел беше да ги запознаеме најмладите со работата на ЈП ‘Лајка’, разговаравме за тоа како токму кучето е најверниот човеков пријател, како заедно сите да се бориме да има што помалку бездомни кучиња, како сите можеме да допринесеме за иднина со 0 бездомни животни“, велат ЈП „Лајка“.

Според претпријатието, младите научиле како да се биде одговорен сопственик, кои се придобивките од кастрација и стерилизација и зашто е поблагородно да се вдоми куче, а не да се купи.

„Со овој настан од едукативен карактер, а преку дружба со кучињата од нашето прифатилиште ЈП ‘Лајка’ цели да придонесе во создавањето на одговорни и хумани граѓани, одговорно и хумано општество за сите и да ја подигне свеста за вдомување наспроти купување на домашен миленик“, сооштува „Лајка“.

Учениците, исто така, имале можност да се запознаат со работните процеси на Јавното претпријатие, а кај средношколците поттикнале и желба за волонтирање во „Лајка“.

„Во наредните денови активноста ќе продолжи и со ученици од Општина Центар и останатите скопски општини“, посочуваат од претпријатието.

Фото: ЈП „Лајка“