Активистите за заштита на животните утре пред Влада ќе протестираат против убивање и мачење на бездомните кучиња

Преку социјалната мрежа Фејсбук се шири повик за протест, утре пред Владата во 16 часот за како што се вели, да се сопре убивањето и мачењето кучиња. Оттаму ги повикаа граѓаните да излезат во петок како револт за кучињата кои пред неколку дена беа убиени во Струга, и побараа казна за сторителот.

„Ве повикуваме сите да покажеме дека вака веќе не може и дека нема да молчиме на злосторствата кои се случуваат пред наши очи! Дојдете во петок со транспаренти, со свирчиња, со црвена боја во било која форма како симбол за сите невини убиени животни бидејќи ние сме гласот на сите безгласни невини души. Уморни сме! Бесни сме! Нема да прифатиме ова да биде новата нормалност“, пишува во најавата за протестот.

Дополнително, во најавата се посочува дека решението на проблемот се знае, и прашуваат каде се ветените државни шелтери, задолжителното микрочипирање на милениците, но и задолжителната стерилизација и кастрација на милениците.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера соопштија дека извршиле службен разговор со 62-годишниот М.З. од струшкото село Ливада, кој се сомничи дека во периодот од 6:45 до 7:15 часот на улицата „Владо Малески“ во Струга со огнено оружје усмртил седум кучиња скитници. Од него, како што додадоа била одземена ловечка пушка сачмарка калибар 16 милиметри за вештачење, и посочија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Инаку, претходно здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ заедно со уште десет организации и независни активисти упатија отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во врска со случајот во Струга.

Анима мунди: Отворено писмо до Министерот за внатрешни работи