Учесници во „Розовата прошетка“ денес чекорат против ракот на дојка

Во Скопје денеска се одржува единаесетата розова прошетка „Напред розово 2019 – чекори против ракот на дојка”, во организација на Здружението „Борка – за секој нов ден“ и Амбасадата на САД во земјава.

Настанот започнува во Школка во Градски парк, од каде беа најавени над 1.500 учесници да пешачат неколку километри и да испратат порака за важноста на раната дијагноза и поддршката на пациентите, како основен предуслов за победа на ракот на дојка.

Во прошетката учествуваат сите граѓани на земјава, вклучувајќи и организирано учество на поддржувачи на „Борка“ од градовите низ Македонија.

По прошетката е вклучен музички хепенинг со цел да се овозможи луѓето, т.е. борците против ракот на дојка да се зближат, да се дружат и да го слават животот.

Како и претходните години, така и оваа се собираат средства преку продажба на розови маици, кои средства ќе се искористат за реализација на годишните активности на Здружението „Борка“.

Целта е да се обезбеди на психосоцијална помош и поддршка за болните од рак и нивните семејства, перики за жените со низок социјален статус кои примаат хемотерапија, посета на клиниката за онкологија и торакална хирургија од волонтери на Здружението, да се оддржува бесплатната СОС линија за помош и поддршка и др.