Ученици изработија иновативни решенија и алатки за креативна настава

Кои алатки и методи треба да ги користат наставниците за да го унапредат развојот на карактерот и вредностите кај учениците преку редовната настава? Како да воведеме учење засновано на игра во програмите за раниот детски развој? Уредување на идната инклузивна училница врз основа на принципите на универзален дизајн што промовира припаѓање и соработка.

Ова се трите предизвици на кои се посветија 40 ученици во „Образовниот камп за поттикнување креативност во образованието“ поддржан од УНИЦЕФ во соработка со SmartUP – лабораторија за социјални иновации.

Нивните решенија за инклузивна училница, онлајн библиотека и поголема креативност во наставата денеска ќе бидат претставени во кино „Фросина“ од 16 часот.

Изминатиот месец во просториите на Националната Универзитетска Библиотека “Св. Климент Охридски” во Скопје се одржа #Inno4Edu – образовен камп за поттикнување на креативност во образованието со поддршка од страна на УНИЦЕФ во соработка со  SmartUP – лабораторијата за социјални иновации.

На образовниот камп, шест тима интензивно работеа на решавање на три образовни предизвици кои беа мапирани и иницијално разработени за време на хакатонот за образование кој се одржа во декември 2017, во склоп на конференцијата за Квалитетно образование за раст, развој и подобра иднина во организација на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ.

Кампот помогна три иновативни идеи да се развијат во решенија спремни за имплементација и тестирање, заеднички труд на повеќе од 40 едукатори, ученици, програмери, архитекти, дизајнери и воопшто, граѓани кои сакаа да го подобрат македонското образованиe.