Твитер со нова функција преку која корисниците ќе можат да наплаќаат за содржина

Социјалната мрежа Твитер соопшти дека ќе овозможи нова услуга „Супер следење“ (Super Follow), преку која корисниците ќе може да наплаќаат за пристап до ексклузивни содржини.

Новата функција ќе биде достапна подоцна оваа година, а одлуката доаѓа откако Твитер започна да се пренасочува од реклами кон други форми на заработка за себе но и за најчитаните корисници на платформата.

Во презентација за инвеститорите вчера компанијата ги соопшти новите планови кои ќе овозможат на корисниците да наплаќаат за дополнителни ексклузивни содржини и материјали кои нема да бидат достапни до редовните следбеници. Ова може да вклучува вести достапни само за претплатниците, видеа, понуди или попусти. Корисниците ќе плаќаат месечна претплата за пристап до овие дополнителни содржини.

„Зошто да не почнеме со тоа – зошто луѓето не веруваат во нас. Тоа прашање е сведено на три критики: ние сме бавни, ние не сме иновативни, и ние не сме доверливи“, рекол директорот на Твитер Џек Дорси на почетокот на презентацијата.

Корисниците на Твитер и инвеститорите во компанијата долго време бараа ваква опција заснована на претплатнички модел. Ваквата иницијатива доаѓа откако сè поголем број интернет креатори и „инфлуенсери“ ги користат платформите како Патреон или Субстак за да направат пари од нивната онлајн популарност.

Претплатите ќе овозможат на Твитер да ги прошират своите извори на приходи во интернет светот каде рекламите се доминирани од дуополот на Фејсбук и Гугл. Компанијата сепак не откри детали колкав процент од приходите од овој нов модел ќе го делат со славните личности или пак другите профили кои ќе добијат свои претплатници.