Третина од светското население ги гледа климатските промени како предизвик, но не како приоритет, на Европејците најважно им е да се намали имиграцијата

Третина од светската популација смета дека климатските промени се еден од најголемите глобални предизвици, но многу помалку веруваат дека токму ова прашање треба да биде приоритет за нивните влади, пишува новинската агенција „Бета“

Според истражувањето „Индексот на перцепција на демократијата“, кое било спроведено од февруари до април  во 53 земји од светот, 33 отсто од населението изјавиле дека климатските промени ги сметаат за една од трите најголеми глобални закани, по војната, конфликтите и сиромаштијата. Само 14 отсто од испитаниците рекле дека борбата против климатските промени треба да биде меѓу трите врвни приоритети на нивната влада.

Истражувањето покажало и дека оваа година за прв пат, повеќето Европејци сметаат дека намалувањето на имиграцијата е поважна од борбата против климатските промени. 

„Во многу европски земји има нагло зголемување на процентот на луѓе кои велат дека намалувањето на имиграцијата треба да биде главен приоритет на владата. Во исто време, истите тие земји бележат пад на уделот на луѓе кои велат дека борбата против климатските промени треба да биде главен приоритет на владата“, стои во истражувањето.

Во Германија на пример, 44 отсто од испитаниците сакаат нивната влада да се фокусира на намалување на имиграцијата, а 24 отсто на борбата против климатските промени.