Трета дебата на „Про-книжи го умот“ во чест на филозофот Валтер Бенјамин

*Настанот е откажан, соопштија попладнево(20 април) организаторите на настанот

Платформата за културен дијалог „Про-книжи го умот“  на новинарката Ана Јовковска во среда, 20 април, во ЕУ Инфо центарот во Скопје ја најавува дебатата „Технологија и уметност – револуција или хуманизација“ во чест на големиот филозоф Валтер Бенјамин.

Панелисти се проф. Небојша Вилиќ, историчар на уметност и проф. Иван Џепароски, филозоф. Трибината е замислена со интерактивно учество на публиката како дел од критичкото промислување и практикување на културата на дебата кои недостасуваат во општество на девалвирани културни вредности.

„Во време на револуции, технологијата и новите медиуми се гулабите на слободната мисла и алатки за артикулација на гневот. Тензијата во општеството и честичките во воздухот се доволно наелектризирани за една интензивна дискусија во која ќе го отвориме прашањето за предизвиците на уметноста денес. Одговорноста на уметниците како носители на прогресот, одност помеѓу уметничкиот производ и политичката моќ, влијанието на новите технологии, етноцентризам наспроти космополитизам, дигиталното, ангажираната уметност и критичкиот став кон стварноста… се само дел од темите кои ќе ги дискутираме во рамки на третата дебата од проектот „Про-книжи го умот“ како дел од „Културните приказни“ на Делегацијата на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје“, вели Ана Јовковска, авторка на концептот и модераторка на трибините.

Настанот почнува во 20:00 часот, а влезот е слободен.