Традиционално искачување „Титов Врв 2019“ следниот викенд

Планинарски Клуб „Љуботен“ – Тетово по триесет и осми пат го организира традиционалното искачување на Титов Врв, кое само по себе низ годините стана препознатлив планинарски бренд во Република Македонија. Искачувањето е организирано викендот, на 25 и 26 мај.

Во рамки на настанот, покрај искачувањето на Шара, на 25 мај ќе се спроведе акција за чистење на смет во близина на хотелот „Попова Шапка“ #TrashTagChallenge и трибина на тема: „Планинарењето, поттик за здрави навики кај младите“, но натпревар за брзо местење на шатори и изложба.

Со цел да се одржи високо ниво на безбедност и организираност, согласно препораките на ФПСМ – Федерацијата на Планинарски Спортови на Македонија за „Организација на големи традиционални планинарски акции“, Планинарскиот Клуб „Љуботен“ ги поканува сите друштва/клубови и организирани здруженија да земат учество на овој заеднички планинарски настан. Сите заинтересирани друштва/клубови и организирани здруженија задолжително е да се пријават (формулар за пријавување и изјава на координаторот*), со што би стекнале статус на учесник во организирана активност.

„Со вакви настани, нашата земја гради традиција која трае и нѐ претставува пред меѓународната јавност, истакнувајќи ја грижата за здравјето и благосостојбата на населението, зачувувањето на природата и стремежот кон одржливо живеење и одржлив развој“, посочуваат организаторите.

Настанот е дел од кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“ организирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.