Тетовската библиотека започна со работа во новите простории, прогласена е и за „Библиотека на годината“

Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово почна со работа во новите простории со вообичаеното работно време од 8 до 19 часот.

„Ви благодариме на трпението и ве очекуваме да не посетите во нашите нови простории. Секоја книга е повторно на полица и достапна за читателите, ве очекуваме“, пишува во известувањето од националната установа.

Преселбата на книжевниот фонд од над 80.000 наслови траеше еден месец во кој зачленетите читатели не може да позајмуваат книги. Градската библиотека сега се наоѓа во поранешните простории на Факултетот за музичка уметност во Тетово, односно веднаш до претходните простории. Влезот во библиотеката сега е од задната страна на Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“.

Фото: Новите простории на библиотеката

Библиотеката „Кочо Рацин“ минатата недела се стекна со признанието „Библиотека на годината“ за 2023 кое го доделува Библиотекарското здружение на Македонија.

„Врз основа на материјалите и содржините доставени со пријавите, по објавениот јавен повик, и врз основа на исполнување на критериумите на највисоко ниво оваа година; НУУБ „Кочо Рацин“ – Тетово, Библиотеката при ООУ „Ј.Х. Песталоци“ во Скопје и Библиотеката при Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје, заедно да го понесат признанието „Библиотека на годината“ за 2023 година“, се вели во одлуката на Комисијата за доделување на признанието.

Комисијата е во состав на Иво Митев, Елмедина Абдулахи, Бети Лазеска-Симоноска, Билјана Аџиовска-Панџарова и Јана Михајловска. Свеченото доделување ќе биде на 7 декември (четврток) во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Фото: Старите простории на библиотеката

Тетовската библиотека во септември годинава доби писмена одлука од Владата да ги напушти постојните простории за да ѝ отстапи на Делегацијата на Европската Унија за формирање Европска куќа. Вработените и тогашната директорка, Резарта Дервиши ја сметаа за спорна ваквата одлука и одбиваа да се преселат во, како што тврдеа, полоши услови.

„Таму и основните работи не се обезбедени. Ние не сме против некоја одлука од Министерството или Владата за преселување, меѓутоа тоа треба да бидат подобри услови. Значи ние ги сакаме најосновните услови, немаме читална, немаме мултимедијална просторија, немаме посебна просторија за секакви активности, ние сме принудени за секоја активност, за секој проект да го реализираме на туѓо место. Ние ги бараме најосновните работи, меѓутоа сега за сега може да се истакне дека и ова е подобро од новото што ни го нудат. Сиве овие 20 години ние бараме подобри услови, а ни се дава нешто полошо“, изјавија тогаш од библиотеката.

По увид на просториите во Факултетот за музичка уметност, Министерството за култура утврди дека просториите не ги исполнуваат потребните услови за работа на библиотека, а согласно тоа Министерството вети дополнителен простор.

„По разните премерки дојдовме до заклучок дека она што треба да го направи е библиотеката во Тетово од постојните простории сега само да се помести во следната врата каде што ќе добие 80 односно до 100 метри квадратни плус во простор за цел нивен книжевен фонд. Простор којшто ние, бидејќи тие треба да го користат, ќе го реновираме, простор којшто ќе се осовремени, повторно ќе кажам се до нивно влегување до нивните нови простории во новиот објект по најсовремени стандарди“, кажа на прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.

За ситуацијата се огласи и Делегацијата на ЕУ од каде кажаа дека се обврзале да помогнат при преселбата за да се осигураат дека ќе е непречена и дека библиотеката ќе може веднаш да продолжи со својата служба кон граѓаните.

Ангела Бошкоска

По увид на новите простории, Министерството за култура вети реновирање и повеќе простор за библиотеката во Тетово