Танго магија со Астор Пјацола во македонската Филхармонија

Оркестарот на Филхармонија в четврток (28 јануари), во 20 часот ќе одржи концерт на кој ќе биде изведен Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, а како солистка ќе настапи Анна Коловска од Русија.

Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се и „Песна и танец“ од македонскиот композитор Томе Манчев, и „Орава“ од полскиот композитор Војчех Килар.

Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство.

Анна Кришталева Коловска е родена во Армавир, Русија, во 1996 година и уште од рани години се врзува за музиката, редовно концертирајќи и настапувајќи на интернационални и на домашни натпревари. Основното музичко образование го завршува во новокубанското детско музичко училиште, во класата на проф. Михаил Бојко. Во 2014 година, пак, се запишува во Ростовскиот музички колеџ во класата на познатиот професор и заслужен артист на Русија – Јури Шишкин. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах, Шчедрин, Семионов…, како и композиции од руската народна музика.

Астор Пјацола (1921 – 1992) е еден од најзначајните аргентински композитори, кој го револуционаризираше традиционалното танго, носејќи го во нов стил што го нарече „нуево танго“ (ново танго) во кое инкорпорираше елементи од џезот и класичната музика. Првиот концерт за бандонеон и оркестар, познат како „Аконкагва“ (така го насловил неговиот издавач Алдо Пагани, како асоцијација за врв во неговото творештво, аналогно на највисокиот врв во Јужна Америка), Пјацола го создава во 1979 година.

Војчех Килар (1932 – 2013) е еден од најзначајните современи полски композитори, автор на класична и филмска музика. Добитник е на повеќе награди за неговата музика за филм, а негово најголемо остварување е музиката за „Дракула“ на Френсис Форд Копола. Автор е и дел од музиката за филмот „Пијанист“ на Роман Полански.

Томе Манчев (1950 – 2020) е еден од најистакнатите претставници на македонската музика од преминот меѓу 20 и 21 век. Автор е на обемен творечки опус во речиси сите музички жанрови, но главниот белег го остави во оркестарското творештво.