Свечено затворање на 43 издание на фестивалот „Браќа Манаки“, доделени наградите за филмски остварувања

Вчера беше затворено овогодишното, 43 издание на Интернационалниот фестивал на светските кинематографери „Браќа Манаки“, а по свеченото затворање  следуваше проекцијата на „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески.

На затворањето беа доделени наградите за најдобар студентски филм, најдобар документарен филм, најдобар краткометражен филм, а наградата „Златна камера 300“ за кинематографија му беше доделена на Рубен Импенс за филмот „Осум планини“.

ИФФК „Браќа Манаки“ секоја година ги вреднува најдобрите кинематографери , но исто така важен сегмент е студентската програма, односно негувањето на филмската иднина. Од оваа година студентската програма е со натпреварувачки карактер и селекција на филмови од најдобрите европски филмски академии.

„Наградата за најдобар студентски филм се доделува на филмот ‘Вдовица и сираче’ во режија на Никлас Форман, а филмот доаѓа од филмската академија во Австрија“, истакна селекторот на студентската програма, Ѓорги Пулевски.

Одлуката ја донесе жирито во состав на Митко Панов, Фејми Даут и Благоја Куновски – Доре.

За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав на Јасмин Башиќ, Фејми Даут и Есин Белит, кое одлучи наградата да му ја додели на филмот „Мара“ на Саша Кулак, кој се издвоил по тоа што е  формално храбар и силно политички определен филм, кој ги надминува жанровските граници, вешто играјќи си со инструментите на фикцијата, а истражувајќи нови феминистички наративи, филмот успеал да понуди вознемирувачки приказ на современ Бразил.

Жирито во состав на Маја Богојевиќ, Самир Љума, Жан Мари Дружу, Карлос Дијас и Мелиса Созен одлучуваше за наградата Мала камера 300, односно за најдобар краткометражен фил,

„Малата камера 300 се доделува на Шади Чабан за краткометражниот филм ‘Варша’ за совршеното мајсторство во создавањето на незаборавна визуелна поема која го спојува традиционалниот филмски јазик со новите технологии со цел да ги длабоко потиснатите чувства на протагонистот“, соопшти Самир Љума.

Сите изминати осум фестивалски денови „Браќа Манаки“ го славеше филмот и големите кинематографери. Во програмата имаше оскаровци, филмови од фестивалите во Кан, Венеција, Берлин.

Бронзената камера 300 беше доделена на Хидетоши Шиномија за филмот „Вози ја мојата кола“,  а Сребрената камера 300 беше доделена на Дариа Д’Антонио за прецизното и доследно кадрирање за филмот „Божјата Рака“.

Златната камера 300 беше доделена на Рубен Импенс за филмот „Осум планини“, за компонирањето на моќна и трогателна приказна што го одзема здивот, во која воодушевувачки се испреплетуваат планинските пејзажи и човечката осаменост во хармонија со природата, мајсторски снимени во тешки услови што ја стаписуваат публиката, соопшти претседателот на жирито Жан Мари Дружу.

Фестивалот „Браќа Манаки“ е еден од ретките во светот, а единствениот во овој дел од Европа кој што ја вреднува и слави работата на кинематограферите. Вчера во Битола беше и Џон Метисон, кинематограф кој зад себе има редица филмски остварувања – „Гладијатор“, „Фантомот од операта“, „Кралот Артур“, „Робин Худ“, „Ханибал“, како и  „Скајфол“.

Нему на затворањето  министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска му ја врачи наградата Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност.

„Воодушевен сум што сум овде бидејќи ова е едно од местата каде соодветно се чествува нашата работа, а вие од фестивалот ‘Браќа Манаки’ навистина успевате да го направите онака како што доликува. Успевате да не промовирате нас како кинематографери и нас како филмска камера како нешто што заслужува многу голема важност. Луѓето понекогаш не сфаќаат колку е тешко страници и страници црно бел текст да се преточат во визуелен јазик. Зошто ова не е обид да се зачува јазикот на некоја одредена група, визуелниот јазик секој го разбира. Кога снимале браќата Манаки имало само слики, а сликите сите ги разбираат“, рече Метисон.