„Проживеавме разни филмски жанрови, но продолживме да сонуваме“ – Отворен 42-от „Браќа Манаки“

Со проекција на „Сестри“, дебито на режисерката Дина Дума, синоќа во Битола свечено беше отворено 42-то издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“.

Рускиот режисер Андреј Кончаловски и британската композиторка на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика, Џослин Пук, се годинешните добитници на специјалната „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност.

„За мене е голема чест и трогната сум што ја добивам оваа награда. Имав можност и привилегија да бидам запознаена со вашата земја поради тоа што мојот сопруг потекнува од Србија и навистина сметам дека вистинското наследство што го има вашата земја е едно од најнеоктриените бисери-богатства на Европа. Чест ми е што сум дел од овој Фестивал. Им благодарам на граѓаните на Битола за топлото добредојде и за тоа што го негуваат наследството на браќата Манаки кое има исклучително значење“, рече Пук.

За директорот на Фестивалот, Симеон Дамевски, изминатите неколку недели се случиле многу непредвидливи нешта кои посочувале дека ќе биде прекинат филмот што го сонувале.

„Покрај двегодишниот хорор филм наречен Ковид-19 проживеавме уште неколку филмски жанрови. Имавме драма, помалку трагедија, трилер, акција и се заврши со комедија. Но, и покрај се продолживме да сонуваме и тој сон сега го споделуваме со вас во реалноста. Славејќи го филмот и неговите творци, овде вечерва сакаме да испратиме порака до вас, публиката, до филмаџиите и уметниците насекаде во светот, од овде, од кај нас во светот – а таа е дека овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста на светот без разлика на сите проблеми и предизвици. И кога тие пречки и проблеми стануваат големи, тоа за нас е само предизвик да бидеме уште поупорни и подобри. Затоа кога е најтешко, како во ова време-невреме, кога не бевме сигурни ни дали воопшто ќе имаме гости на Фестивалот, ние решивме да доделиме не една, туку две специјални камери 300 за особен придонес во филмската уметност. На двајца исклучителни уметници“, рече Дамевски.

Австрискиот кинематограф Кристијан Бергер, пак, ја доби овогодишната награда „Златна камера 300“ за животен опус.

„Не знам на што мислеле браќата Манаки во оној момент кога почнаа првпат да снимаат со својата камера и каква фасцинација имаа гледачите во тоа време, но она што ме тера се уште да ја сакам својата професија до денес е моќта на сликите што се развиваат со текот на времето и нивното движење. Таа способност да се фати движењето и да се улови тој кус момент за да не се заборави и потоа да може да се покаже одново и одново-сметам дека тоа е суштината на камерата и мислам дека тоа ги мотивирало и браќата Манаки. Тогаш беше нова форма, а од нас зависи дали ќе продолжи да биде нова. Би било убаво ако фестивалот успее да ја задржи оваа „стара сензација“ жива“, рече Бергер.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), оваа година му припадна на Северџан Бајрам.

„Особена чест и задоволство ми е за доделеното признание. Голема благодарност за наградата до моите колеги и колешки кои ме одбраа мене, натуршчик, бидејќи немам завршено Факултет за драмски уметности. Благодарност до Столе Попов кој ме откри и до Емир Кустурица, човекот кој ми ја додели најголемата животна улога и отскочната даска во кариерата, рече Бајрам на врачувањето на признанието“, рече Бајрам.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот, Стево Пендаровски, кој е покровител на ИФФК „Браќа Манаки“ и истакна дека благодарение на Фестивалот, Битола и Северна Македонија се присутни на светските филмски мапи и се посакувана дестинација за кинематограферите.