Изложба и видео проекции за творечкиот опус на браќата Манаки во Кинотека

Кинотеката на Северна Македонија за време на Фестивалот на нем и класичен филм (31.08 – 07.09) ќе претстави изложба и документарен филм посветени на фотографскиот опус на Милтон и Јанаки Манаки по повод 140 години од раѓањето на Милтон.

Автор на изложбата е Робер Јанкуловски, а автор на трите етнолошки документарни филмови за опусот на пионерите на филмската камера на Балканот е Вера Кличкова.

Видео проекциите ќе се одржат во среда (07.09), а од Кинотеката информираат дека посетителите ќе добијат ДВД со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки.

„Мисијата и делото на Милтон и Јанаки Манаки се научно-истражувачки предизвик за десетици автори, кои изминативе децении објавувале текстови за пионерите на филмската камера на Балканот. Кинотечните месечници и изданијата на Кинопис вријат од анализи и согледувања за опусот на Манакиевци. Изминативе децении се објавени неколку монографии за нивното творештво. Меѓу нив се книгите „Манаќи и Битола“ на Димитар Димитровски – Такец (Битола, 1975), како и монографијата „Манаки“ на м-р Игор Старделов (Кинотека на Македонија, Скопје, 2003)“, пишува Кинотеката на Северна Македонија.

Фотографскиот опус на Манаки денес се чува во Државниот архив, односно во Одделението на Државниот архив во Битола. Мал дел од овие материјали се дигитализирани и прикажани во рамките на неколку тематски изложби на Балканов и во Македонија и во монографијата „Манаки, приказна во слики“.

Најавена е и комплетна дигитализација од страна на Архивското одделение во Битола што годинава доби можност да ја започне на дигитализација на „Фондот 580“ на браќата Манаки кој заедно со огромниот фотографски материјал содржи 20.000 фајлови што Архивското одделение ги чува во своите депоа заедно со „камерата 300“.

„Фондот 580 Браќа Манаки“ прво ќе се дигитализира, а потоа се очекува да стане заштитено културно наследство