Студентите се собраа пред Архитектонскиот факултет на трет Студентски пленум

Стотина студенти се собраа пред Архитектонскиот факултет во Скопје на третиот Студентски пленум, на кој се разговараше за најавата на Министерството за образование да воведе екстерно тестирање во високото образование. Под мотото „Не ведни глава , придружи се!“, студентите уште еднаш го повторија својот став дека не го сакаат новиот тест на факултетите.

Дискусијата на студентите се задржа на две главни теми: кои треба да бидат очекувањата на студентите од студентскиот парламент на УКИМ во однос екстерното тестирање, како и кои активности треба и може да се организираат за Меѓународниот ден на студентите, 17 ноември.

Како што образложи Сандра Живковиќ, Студентскиот парламент на УКИМ во моментов не е легитимен, а мандатот на претседателот веќе е истечен.

„Не можеме да очекуваме од нив да застанат во одбрана на студентите“, посочи Живковиќ, а во дискусијата се вклучија и останатите присутни кои констатираа дека студентите сами ќе мора да се изборат за своите права.

10733272_943257605687875_1700562631_oВо однос на втората тема, се разгледува идејата за организирање студентски марш на Интернационалниот ден на студентите, преку кој може да се актуелизира и прашањето за екстерното. Сепак, во текот на дебатата не беа договорени идните конкретни чекори за одбележувањето на 17 ноември.

Студентите повторуваа дека е потребна поголема поддршка од мнозинството на колегите кои остануваат апатични. Како пример за тоа го посочија и фактот што за време на Пленумот присутни беа по едвај петмина  студенти од секој факултет, бројка која е далеку од солидна за една важна студентска тема.

На Пленумот пред Архитектонскиот факултет присуствуваа и неколкумина професори, меѓу кои и д-р Небојша Вилиќ, кои ја поздравија иницијативата и им дадоа поддршка на студентите. Студентите информираа дека се испратени барања до неколку факултети за добивање простории каде што координативните тела на пленумот би можеле да одржуваат состаноци. Соопштија дека добиле позитивен одговор од Филозофскиот факултет, и дека ќе добијат простор за состаноци.

Студентите потсетија дека е потребно да се направи студентска мрежа која ќе ги вклучува и универзитетите од другите градови како Битола,  Штип и Тетово. За разлика од претходните две средби, на третиот Студентски пленум поголем дел од присутните јавно проговорија за своите проблеми, како за екстерното, така и за останатите студентски предизвици со кои тие секојдневно се соочуваат.

М.П.