Стихозбирката „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади утре во Клубот на читатели

Поетската книга „Секој секому огледало“ од младиот автор Андреј Ал-Асади утре (сабота, 23 декември) во фокусот на Клубот на читатели во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

„Андреј Ал-Асади е еден од најавтентичните поетски гласови од најмладата поетска генерација, а со изборот на неговата книга „Секој секому огледало“, жанровскија прошируваме нашата кампања #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори“, се вели во описот за настанот.

Средбата ќе започне во 18 часот во Спомен-собата „Т’га за југ“.

„Со оваа книга Андреј Ал-Асади гради дом врз темелите на стара куќа! Со јазик што пулсира низ времето и сочинува нови врски. Тој наснова нови нишки на невидливиот разбој со кој се ткаеле најубавите македонски песни, добро ги затега меѓу кросната и снове со најубава преѓа“, вели писателката Јулијана Величковска.

Модератор на Клубот на читатели е библиотекарката Рада Петреска.

Од Клубот на читатели информираат дека ова е последната средба за 2023 година.